„Секоја нова тура на кандидати што ги објавува СДС е само потврда дека зад кулисите и понатаму диригира Зоран Заев. Филипче е само продолжена рака на таа истрошена политика“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека Шукова најавува дека ќе се залагала за чисто, уредено и безбедно Скопје, но токму додека била дел од извршната власт – како министер за животна средина – ништо од тоа не било направено.
„Смешно е што доаѓа од партија која само знаеше да протестира сама против себе. Наместо да решава проблеми, СДС и нивните функционери излегуваа на улица – протестираа нивни пратеници, нивен заменик министер, и тоа додека беа на власт“, се додава во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека СДСМ не направила ништо за главниот град, за општините, за воздухот, ниту за бројните проблеми со кои се соочуваат скопјани.
„Шукова му ја завршува работата на Филипче, како што Филипче ја води кампањата во сенка на Заев. Но граѓаните веќе не се наивни. Знаат точно кој работи за нив, а кој само си гледа партиска корист. И тоа не е СДС“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.






