„Во ЗОО Скопје владее општ хаос, животни се разболуваат и умираат, а никој не ги третира и лекува. Сите инциденти за разболување и угинување на животните, установата ги крие од јавноста, а со тоа го доведува во опасност здравјето на останатите животни, но и на вработените и посетители.
Една од болестите којашто е причина за смртта на голем број животни е туберкулозата, која е заразна болест и претставува вистинска опасност за целата околина.
Пред месец и половина, во Скопската зоолошка градина починаа три лами од болеста туберкулоза, а кај уште две е потврдена истата инфекција.
Но, хаосот не запира тука. Пред 3 дена почина и младото мајмунче од видот ‘гибон’, а според патолошкиот наод, повторно се потврдува присуство на туберкулоза, истиот вид зараза како кај ламите.
Ова претставува аларм по кој треба итно да се реагира, а менаџментот да понесе одговорност“, се укажува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Наместо заклучок, во соопштението се вели дека ваквите случаи отвораат сериозни прашања: колку животни загинаа од оваа болест, колку се загрозени и дали вработените и посетителите се безбедни?
Се порачува дека време е за одговорност и итна реакција.






