Премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ, Владата и на академиците од различни етнички заедници е дека постои една академија на науките и уметностите и дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за општински буџет од кој ќе се одвојат средства за оваа намена.
„Не би сакал парите на граѓаните да се трошат за невладини организации, повеќе би сакал да видам да се трошат за инфраструктурни проекти, да креираме услови за младите да се вратат назад. Теми коишто поларизираат или етнизираат не се теми во кои јас сакам да бидам соговорник. Жалам што избираат вакви теми за политички поени, но како претседател на Владата останувам посветен да работам за доброто на граѓаните без разлика на етничката припадност“, подвлече Мицкоски.
Тој не очекува ваквиот потег на Вреди да влијае негативно на владината коалиција. – Нашиот став е принципиелен и тоа го кажав во многу наврати во минатото дека етнички и национални теми не се мој приоритет, рече Мицкоски.
Од коалицијата Вреди, од чии редови се градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир кои се изјаснија дека ќе го финансираат ова здружение на граѓани, велат дека албанската академија е исклучиво научен проект, кој има за цел да ја унапреди академската мисла и повикуваат сите политички партии „наместо да критикуваат, да се охрабрат преку инклузивна дебата да се најде правично решение“.
„Додека МАНУ покажува инертност за реформи и одбива да ја прифати сегашната фактичка состојба, албанските интелектуалци се принудени да создадат платформа која нема да работи според политички или етнички критериуми, туку само врз основа на науката. Во 21 век, неприфатливо е да има противење на научните трудови и на унапредувањето на знаењето“, порачаа од Вреди.
Идејата за финансирање на здружението на граѓани – албанска академија на науките и уметностите ја отфрлија и опозициските партии.
СДСМ порача дека се против етнички институции и дека советниците нема да ги гласаат буџетите во тие општини, додека ДУИ не се согласуваат со албанска академија на ниво на невладина организација.
Пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески вчера на прес-конференција рече дека нема да поддржат етнички поделби во науката и категорично ќе се спротивстат на идеите што ги промовираат и ги туркаат коалициските партнери во власта на чело со Вреди.
Од ДУИ порачуваа дека не се согласуваат со албанска академија на ниво на една невладина организација.
„Како ДУИ не се согласуваме со овој принцип на функционирање. Албанската академија пропагирана како национално ниво стана една невладина организација и ние не сме дел од такви проекти. Во оние општини каде функционираат партиите на Вреди сме опозиција, не сме дел од владејачкото мнозинство“, изјави Фатон Ахмети од ДУИ.
Градоначалниците на Тетово, Гостивар, Желино и Чаир завчера во Тетово најавија дека ќе го финансираат работењето на здружението – албанска академија на науките и уметностите.
Хисен Јашари од здружението на граѓани Албанска академија на науките и уметност, на средбата во Тетово рече дека пред една година барале поддршка од сите политички партии, но само од коалицијата Вреди ги прифатиле за разговор. Информира дека бараат општествен дијалог, како и дека имаат доставено елаборат од 120 страници до Владата за кој не добиле одговор.






