„На прорускиот бизнисмен Давидовиќ-Дака, кој е на црната листа на САД, на местото на поранешниот гигант ШИК Јелак во Тетово, Зоран Заев и Али Ахмети му договорија да гради 2.000 станбени единици, деловни простории и трговски центри, во вредност која надминуваше над 200 милиони евра, со измена на ДУП, ден после формирањето на старо-новата влада на СДСМ и ДУИ. А, претходно, фирмата на Давидовиќ Дака, ‘Јелак градба’ го купи поранешниот индустриски гигант ШИК ‘Јелак’“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ и ДУИ, се додава во соопштението, овој државен имот му го обезбедиле по багателна цена, дури за 4 пати пониска од тогаш проценетата вредност од стечајната постапка.
„Па така, објект од 198 метри квадратни на Фондот за здравствено осигурување, кој бил проценет на 122.000 евра, на Дака му бил продаден за само 34.000 евра. Друг објект на фондот од 2.359 квадрати, проценет на речиси милион и пол евра е продаден за 400.000 евра. Додека пак, објект од 5.021 метар квадратен во сопственост на Министерството за финансии, проценет на над 3 милиони евра, Дака станал сопственик за само 730.000 евра. Сопственост на објект имала и Агенцијата за вработување и тоа во површина од 165 квадрати, за кој наплатила околу 24.000 евра, иако истиот вредел 100.000. Произлегува дека за 7.743 квадрати, наместо 4,7 милиони евра, Дака платил само 1,1 милион евра.
Вреди да ја потсетиме јавноста дека за да не дојде до планираната бетонска џунгла во Тетово одобрена од СДСМ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ го блокираше овој криминален проект на Дака. Едно е сигурно, ВМРО-ДПМНЕ секогаш работело во интерес државата и на граѓаните, додека СДСМ и ДУИ работат исклучиво во интерес на бизнисите, тендерите и процентите. Затоа и се таму каде што се, безидејни, во длабока опозиција и без поддршка од граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






