петок, 6 март 2026

ВМРО – ДПМНЕ: СДС, Филипче и Заев – креатори на системската корупција и академци за лажење и корупција

Филипче нема што да каже па ја замајува јавноста, но не дава конкретни одговори. Секако затоа што и нема. Нема што да каже затоа што јасно е како ден кој негувал добри односи со држави како Русија и Белорусија, се вели во реакцијата на ВМРО – ДПМНЕ на претходните обвинувања од опозициската СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Не само што имале добри односи, туку и на блиски соработници на Путин и Лукашенко, како осудениот криминалец Александар Онишченко на кој му дале македонско државјанство, а на белорускиот конзул Борче Марковски му доделиле 77 тендери од кои 66 во вредност од 141 милион евра од ЕСМ.

Сакајќи да прави дефокус од проблемите во партија и од корупциските скандали, Венко Филипче почна дури и јавно да лаже.

Сакајќи да покаже некојаси величина, Филипче се дрзна да ја лаже македонската јавност дека после пожарот во Тетово, Филипче како човек со големи принципи, поднел оставка од функцијата министер за здравство, па за три месеци си заминала цела тогашна влада.

Филипче можеби заборавил или пак свесно манипулира, но јавноста добро памети како после трагичниот настан во кој животот го загубија 14 луѓе, по наводното поднесена оставка која неговиот патрон Заев експресно му ја одбил, па здружно без никаква грижа на совест тераа кампања за локални избори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

При тоа потсетуваат дека токму поради катастрофалниот пораз на тие локални избори, Филипче и Заев си заминаа од Владата, а не поради чувството за морална одговорност за трагедијата во модуларната.

„А кога Филипче зборува за системска корупција – модуларната болница во Тетово целосно изгоре за само две минути, токму поради таа системска корупција во времето на власта на СДС, каде заради проценти од тендерските постапки со потпис токму на министерот Венко, се поставија небезбедни објекти спротивно на закон.

Тука се и обидите за набавка на вакцини по двојно повисока цена од фирма за овошје, приватизација на стерилизацијата, џипот подарок од фирма која добила тендер од РЕК Битола, хациендата на Водно, становите и златните визи за Дубаи и ред други. Системската корупција на Филипче и Заев ја видовме и во сведоштвото на доктор Жан Митрев, како сакаа за багателна цена да му ја присвојат клиниката.

Така што, СДС, Филипче и Заев не само што се креатори на системската корупција, туку слободно можеме да кажеме дека се академци за корупција“, заклучуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

Врз основа на сè претходно наведено во реакцијата, од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Филипче треба да знае „дека времето за антидржавни политики, на криминал и корупција како во време на СДС, заврши“.

„Реформи во државата ќе има, правосудството ќе се реформира, правна држава ќе има и за секое предавничко, криминално и корупциско делување одговорност ќе има“, е пораката од партијата што ја предводи Владата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ