„Дури и во ‘Мамас’ како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите што ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е, од друга страна, пак, што ист човек во својата приватна фирма (‘Мамас’) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога избирал за државно обвинителство, примал луѓе што беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку, мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристоска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поинакви и побитни критериуми. И за крај, порачуваме барем да биде реална и искрена и додека говори јавно за подобност и критериуми и глуми, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Не се ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност – вели обвинителката Ленче Ристоска во реакција на вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски.
„Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека, без разлика на компетентноста, подобноста е примарна, а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, посочува Ристоска во реакцијата.
Премиерот Мицкоски вчера во интервју за ТВ „Канал 5“ рече дека од четирите кандидати за државан јавен обвинител за кои Советот на јавните обвинители даде позитивни мислење, на владината листа се три имиња, а меѓу нив не е и бившата обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска.
„Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра“, изјави Мицкоски.
Советот на јавни обвинители пред три дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител.






