среда, 11 февруари 2026

ВМРО-ДПМНЕ предложи продолжување на рокот за легализирање на објектите

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата минатата недела поднесе предлог закон за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти по скратена постапка.

Објавено на

часот

Сподели

„Нашата цел со овие предлог измени е јасна: граѓаните не смеат да останат со нерешен статус на својот дом поради административни препреки или бавни процедури. Многу наши сограѓани со години се заглавени во лавиринтите на судски спорови за имотно-правни односи, разни постапки или претходни прашања кои не биле по нивна вина. Актуелниот закон предвидуваше рок на важност до 3 март 2026 година, што би значело дека илјадници предмети кои се во процедура би биле прекинати ‘по сила на закон’ во фазата во која се затечени.

Ние тоа нема да го дозволиме. Со овој предлог го продолжуваме рокот за дополнителни 5 години, односно наместо 15, законот ќе важи вкупно 20 години – до 3 март 2031 година. Овозможуваме правна сигурност за општините како надлежни органи да можат легално да ги завршат сите веќе отпочнати постапки. Оваа измена не предвидува нови барања, туку е исклучиво во служба на оние граѓани кои веќе поднеле документација и со години чекаат на својот имотен лист.

Сакам да потенцирам дека оваа иницијатива доаѓа како директен одговор на барањето на Управниот одбор на ЗЕЛС и општините кои секојдневно се соочуваат со реалните проблеми на терен.

Исто така, важно да се напомене е дека ова законско решение не предизвикува никакви дополнителни финансиски импликации врз Буџетот на државата и ќе стапи на сила веднаш по објавувањето во Службен весник, за да нема правен вакуум.

Како пратеници, наша должност е да бидеме сервис на народот. Со оваа измена, им помагаме на илјадници семејства конечно да го остварат своето право и законски да го обезбедат својот покрив над главата. Продолжуваме да работиме во интерес на сите граѓани, за стабилност и конзистентност на правниот систем“, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ