На денешното обраќање пред Обвинителството, пратеникот Бране Петрушевски истакна дека постојат, како што рече, повеќе од доволно информации врз основа на кои може да се поведе постапка. Според него, планот за преземање на Клиничката болница бил однапред осмислен од страна на Филипче и тогашниот премиер Зоран Заев, при што, како што тврди, биле користени притисоци, изнуда и ветувања за влијание во судски постапки во кои учествува доктор Жан Митрев.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека планот не успеал, но додаваат дека неговата реализација би значела приватизација на јавни пари. Како аргумент го посочуваат зголемувањето на средствата што Фондот за здравствено осигурување ги префрлал кон болницата, кои во 2020 година, според нив, достигнале околу 11 милиони евра – речиси двојно повеќе во споредба со 2015 година. Според партијата, Филипче истовремено ја зголемувал сумата од ФЗО и имал намера да ја преземе болницата по, како што велат, багателна цена.
„За тоа што Филипче не сака да одговори во јавност, му судат граѓаните на избори, но Јавното обвинителство има обврска да постапува секогаш кога постои сомнеж за криминал и корупција“, порача Петрушевски, повикувајќи ја институцијата да ги разгледа сите информации.
На овие обвинувања реагираше и СДСМ, од каде велат дека ВМРО-ДПМНЕ води лажна кампања и, како што наведуваат, линч против претседателот на партијата Венко Филипче. Од СДСМ го пренасочуваат фокусот кон доктор Жан Митрев, прашувајќи каде е тој и зошто по настапот на телевизија Алфа, каде што, според нив, изнел невистини, повеќе не се појавува во јавноста.
„Каде е д-р Жан? Дали Обвинителството го повика на разговор? Со недели трае кампања во медиумите блиски до ВМРО, а нема никаква реакција од Обвинителството“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека со недели бараат одговор кога Митрев ќе даде изјава пред надлежните институции.
Досега, од Јавното обвинителство нема официјална реакција на обвинувањата и меѓусебните прозивки на политичките партии.






