Според партијата, секогаш кога СДСМ е во политичка криза, прибегнува кон веќе видени планови за предизвикување нереди и креирање хаос.
„Овој пат, тоа сценарио започнува со насилството во Советот на Општина Кочани, каде советникот на Венко Филипче – Аки Акиов – со стаклено шише нападна вработена во општината“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму тврдат дека токму овој настан претставува почеток на стратегија за создавање страв меѓу граѓаните.
Според нив, целта на ова сценарио е спас на политичката кариера на Филипче, „чиј рејтинг е во рамките на статистичка грешка“, а сè било подготвено на средба со поранешниот премиер Зоран Заев, одржана во Дубаи пред околу еден месец.
„Советникот Акиов, близок до Заев – што може да се види и од заеднички фотографии – е првиот кој го спроведува овој план. Насилството и внесувањето паника преку локални силеџии е тактика која Заев одамна ја практикува, а сега ја презема и Филипче“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека дури и декларативното осудување на насилството од страна на Филипче е дел од истиот план.
„Ако навистина сака да се огради, нека побара оставка од својот советник. Но вистинската намера на СДСМ и Филипче не е осуда, туку создавање хаос во Кочани и одржување на граѓаните во страв и неизвесност“, стои во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ порачува дека на граѓаните не им требаат насилство и силеџиство, туку политичари кои чесно и достојно ќе ги претставуваат нивните интереси.