вторник, 1 април 2025

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во нова расправа за тендерите за анкети

СДСМ денеска побара итно поништување на тендерот за „софтвер за медиумско влијание“ и тендерот за анкети. Тие пари, заедно со 400.000 евра предвидени за анкети да се дадат за помош на семејствата и граѓаните на Кочани, велат од СДСМ. На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ кои ги потсетија социјалдемократите дека ист таков тендер, со иста таква сума одобриле и распишале тие додека биле на власт, и дека впрочем тоа е тендер предвиден со планот на јавни набавки.

Објавено на

часот

Сподели

Богданка Кузевска, портпаролката на СДСМ изјави дека за поддршката на семејствата и граѓаните во Кочани се организираат донации, а владата на ДПМНЕ троши 400.000 евра за анкети и мерење на рејтингот на Мицкоски.

„Тоа не било доволно, па гледаме објава на нов тендер за уште еден скап проект – оцена на медиумското влијание, мониторинг на медиумите, на социјалните мрежи, прес клипинг и оценка на вестите. Владата набавува софтвер за да ги оценува вестите на медиумите – дали се позитивни, негативни или неутрални, а планира да собира податоци и за авторите.  Тоа ли се приоритетите на власта?

Нема пари за плати, нема за пожарникарите, за лекарите, за работниците, пари има само за папаја, манго и рејтингот на Мицкоски. Зошто да се трошат пари на граѓаните за прес-клипинг кога веќе има професионална служба за прес-клипинг во Владата? Граѓаните добро ги знаат режимските методи на ДПМНЕ и ова е само нивно продолжение. Како тоа Владата на ДПМНЕ планира да ги селектира медиумите како позитивни, негативни или неутрални, што ќе случи доколку известуваат негативно, ќе бидат казнети, замолчувани?

Власта манифестира бесчувствителност и расипништво во време кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај и се во колективна тага. Сега е време за солидарност и одговорност, а не за мерење рејтинзи и пропаганда“, рече Кузевски.

Реагираа од ВМРО-ДПМНЕ: „Политиката на СДС се сведува само на евтин популизам. По нивната аналогија од која на секој нормален му се гади, би требало да ги повикаме целиот имот на Заев во Дубаи стекнат со криминал да се поклони за донации за Кочани, и целата украдена и криминално стекната хациенда на Венко Филипче сместена на Водно исто така да биде поклонета за цели за Кочани.

Ваква политика на ниски страсти и некрофилија треба да престане под итно. СДС пред да излезат на прес-конференција треба да знаат дека со нивните прес-конференции одат против себе, затоа што ист таков тендер, со иста таква сума одобриле и распишале тие додека биле на власт, и дека впрочем тоа е тендер предвиден со планот на јавни набавки.

Суштината тука е што има спорно во постапката и кој дел од постапката не е испочитувана? Се работи за комплетно законска постапка која ги опфаќа сите законски аспекти. Нема договарања во четири очи, и нема провизии како во минатото кога тоа беше омилена практика на СДС и ДУИ. И затоа сега СДС свесно прави забуна и вулгаризира, иако ова е истиот тендер кои тие го спроведувале редовно, но очигледно тоа го правеле за да задоволат свои интереси, а не за да ја видат реалната слика за нивните политики, не се тоа анкети за мерење рејтинг, туку истражувања на јавното мислење за политики и проверка на проекти и реформи дали народот ги прифаќа или не.

Спротивно на СДС Владата на ВМРО-ДПМНЕ го слуша народот и го прифаќа секое она коешто ќе дојде како порака и го анализира дали проектите се поддржуваат или потребни се промени. Само така може да се спроведуваат конзистентни политики базирани на интересот на јавноста наспроти политиките на СДС кои беа за интересот на малкумина од СДС и ДУИ.

Да не се заборави дека СДС се мајсторите за криминални тендери во четири очи. Е тоа време заврши. Очигледно СДС не се менува“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ