На прашањето „во која насока сметате дека се движат работите во Македонија“, 34,3 отсто од испитаниците одговориле дека насоката е правилна, а 40,5 отсто сметаат дека насоката е погрешна. Податоците покажуваат дека сѐ поголем број на испитаници сметаат дека земјата се движи во правилна насока.
Меѓу лидерите на политичките партии, Христијан Мицкоски има најголема доверба кај граѓаните.
Од албанскиот политички блок со највисок процент на доверба и натаму е лидерот на ДУИ, Али Ахмети (6%). Венко Филипче како претседател на СДСМ е на третото место со доверба од 4,7%. Претседателите на партиите од коалицијата Вреди, Изет Меџити и Билал Касами имаат по близу 2 проценти, а Африм Гаши има 1%. Претседателите на ЗНАМ и на Левица, Максим Димитриевски и Димитар Апасиев се изедначени со по 3%.
Од политичките партии, слично како и кај лидерите, предноста на ВМРО-ДПМНЕ пред опозициските партии е убедлива. Дури 23,8% од испитаниците се изјасниле дека на следните избори ќе гласаат за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Кај партиите на Албанците во Македонија опозициската ДУИ е во мала предност пред вкупниот резултат на владината коалиција Вреди.
Повеќе од половина од испитаниците кои споделиле за која партија ќе гласаат на наредните избори, го избираат ВМРО-ДПМНЕ. Тука, ако се споредат резултатите на определените гласачи со минатите истражувања, пред локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ имаат раст, а благ пад има кај Левица и ДУИ. Падот на Вреди е поврзан со напуштањето на коалицијата на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари.
Анкетирањето беше спроведено од 20 јуни до 4 јули 2025 година со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници. Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот 2021 година.
А.Д.