сабота, 31 мај 2025

ВМРО-ДПМНЕ: Бујар Османи призна дека водел заткулисни преговори со Бугарите со дозвола на СДСМ

Со своето писмо, Бујар Османи директно призна дека водел заткулисни преговори за етнички прашања за Македонците, со дозвола од СДСМ. Тоа е најсилен доказ за теснопартиското тргување со државните интереси, далеку од очите на јавноста и без легитимен мандат од граѓаните, обвини ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

Објавено на

часот

Сподели

„А што имаме ние од признанието на Бујар Османи денес? Македонија понижена, а европските интеграции никогаш подалеку. Единствениот пат што го избрале СДСМ и Бујар е патот на понижување на Македонците. СДСМ го одобриле, а Бујар го спровел. Нема поголемо лицемерие од тоа Бујар Османи да зборува за државни интереси. Токму Османи е симболот на приватизацијата на државните институции за партиски и лични интереси на ДУИ. Тој, заедно со целата врхушка на ДУИ, две децении ја користеше државата како приватна сопственост за криминал, корупција и богатење на грбот на сите граѓани. Преговорите за етнички прашања што ги водел Османи биле тајни, без знаење на јавноста, во функција на теснопартиските интереси на ДУИ, а не за доброто на државата. Доколку навистина имал дозвола од институциите, прашуваме: од кои институции? Од сопартијците во Владата што ја водеше најкриминалната гарнитура во историјата на Македонија? Од Заев и од Ковачевски? Тоа не е државен мандат. Тоа е мафијашка дозвола за тргување со иднината на Македонија“, реагираше ВМРО-ДПМНЕ.

Што се однесува до обвинувањата за „омаловажување на Албанците”, ВМРО-ДПМНЕ со гордост ја афирмира еднаквоста на сите граѓани без разлика на етничката припадност. Ние се бориме против криминалците од ДУИ, а не против Албанците. Османи и ДУИ се тие кои ги злоупотребуваат Албанците како алиби за својата корупција и криминал.

„Бујар Османи треба да знае дека времето на приватизација на државата заврши. Македонија е на сите нејзини граѓани. Таа не е ниту на ДУИ, ниту на Османи, ниту на Заев, ниту на мафијата што ја ограбуваше со години.  Македонија ќе биде праведна држава за сите, без разлика на верата и етничката припадност, но и држава во која криминалците ќе одговараат. Вистината е на наша страна. А вистината е дека Бујар Османи и неговата криминално-олигархиска дружина се минато“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот министер за надворешни работи и функционер на ДУИ, Бујар Османи, упати писмена порака до премиерот Христијан Мицкоски со тврдење дека за него припадниците на албанската заедница се безвредни да ја водат македонската дипломатија. Тој му напиша на премиерот дека за сите македонски етнички прашања за кои што преговарал имал дозвола од Собранието, од претседателот на државата и вицепремиерот за европски прашања како институции.
„Кога премиер на една земја јавно ќе го стави под знак прашалник легитимитетот на министер да преговара во име на државата – не поради неговиот мандат, туку поради неговото етничко потекло – тоа не е само навреда кон таа етничка заедница.Тоа е најантидржавната изјава дадена од еден премиер во последните децении. Тоа е обид за редефинирање на државата како етнички монопол, спротивно на Уставот, спротивно на политичката реалност, и спротивно на самата европска идеја на мултиетничка демократија кон која тежнееме.

Ако министри од албанско потекло не се квалификувани да ја претставуваат државата, тогаш не зборуваме повеќе за заедничка држава.

Јас, како министер за надворешни работи, не сум преговарал во свое име, ниту во име на една етничка група.

Преговарав во име на Република Северна Македонија, со полн мандат од Собранието, и со неприкосновена поддршка од институциите на државата – од премиерот, вицепремиерот за европски прашања, претседателот на државата.

И бидејќи сакате да ја омаловажите мојата улога, еве неколку факти, за да се потсетите што сè оваа држава постигна преку мојата работа:

Под мое водство, Република Северна Македонија стана претседавач со ОБСЕ во време кога самата организација се соочуваше со најголемата институционална и политичка криза. Спасивме организација од парализа, со градење консензус меѓу 57 држави членки, во услови на војна во Европа и длабоки глобални поделби. Ова не го велам јас, туку го признаа и ОБСЕ, и ЕУ, и САД.

Станавме прва земја од Западен Балкан што воспостави Стратешки дијалог со САД, со што го издигнавме партнерството на највисоко ниво. Официјално бев примен во Стејт департментот, не како Албанец, туку како министер на една суверена држава.

Северна Македонија стана домаќин на дијалогот меѓу Косово и Србија, поради довербата и кредибилитетот што го изградивме кај меѓународните партнери. Финалната рунда се одржа токму во Охрид.

Преспа Форумот за дијалог кој го инициравме стана референтна точка за политички и дипломатски дијалог во регионот, каде доаѓаа министри, премиери и специјални претставници од целиот демократски свет.

Во преговорите со Бугарија и низ процесот на европска интеграција, успеавме да го заштитиме македонскиот јазик – без фусноти, без објаснувања, со чиста формулација во Преговарачката рамка. Тоа е дипломатска победа, која никој сериозен актер не ја негира.

Во тој процес, македонската етничка, културна и историска посебност беше доследно бранета – не со зборови, туку со конкретни решенија, во текстови, документи и обврски.

Доминираа дипломати со македонско етничко потекло, со искуство и авторитет, токму со цел да нема простор за импровизации кога се работи за сензитивни прашања.

И да, преговорите ги водев јас – затоа што бев министер за надворешни работи на сите граѓани. Но одлуките се носеа заеднички, и ниту еден потег не беше преземен без знаење и одобрување од највисоките институции на државата.

Затоа, премиере, кога ќе посочувате нечија етничка припадност како пречка за државничко дејствување, не ја навредувате само личноста или народот на кој припаѓа. Го рушите самиот темел на државата што велите дека ја водите.

И на крај, вашата дегутантна нетрпеливост кон Албанците ја манифестирате постојано – немате ниту еден советник Албанец, немате Албанци во вашата придружба при официјални посети, се заканувате со ‘влечење за уши’, ги укинувате механизмите за заштита од мајоризација, ги наградувате со функции оние кои нѐ нарекуваат со најпогрдни зборови, свесно создавајќи компетитивна состојба за тоа кој повеќе ќе се докаже преку понижување на Албанците и создадовте средина каде дури и вашите албански партнери се чувствуваат понижени и разединети. Но, за ваша жал, вие никогаш повеќе нема да ги бирате претставниците на Албанците. Албанците ќе си ги избираат сами“, објави Османи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ