Посетата на Николоски е на официјална покана од британската влада, а следи откако Владата вчера го усвои Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство.
Во владината делегација која ќе ја предводи Николоски се и потпретседателот на Владата и министер за животна средина Изет Меџити, министерката за образование Весна Јаневска, директорот на ЈП за Железничка Инфраструктура Синиша Ивановски.
Со договорот што ќе се потпише целта е да се воспостави партнерство за поддршка на реализација на инфраструктурни проекти во секторите здравство, транспорт, технологија, енергетика, дигитална трансформација и други критични сектори во Република Македонија. Планираните проекти со договорот се изградба и реконструкција на железничкиот Коридор 10 од Табановце до Гевгелија кој се проценува дека ќе чини до две милијарди евра, а околу 200 милиони евра би чинела изградбата на Клиничката болница, Медицинскиот факултет и Студентскиот дом во Штип, целосната реконструкција на Клиничката болница во Тетово како и изградбата на нова болница со нов здравствен дом во Кичево.
Според агендата, Николоски денеска ќе се сретне со Дејм Анџела Игл, министер за гранична безбедност и азил во британското Министерство за внатрешни работи со одговорност за справување со нерегуларната миграција, а ќе има средби и со претставници од Инструментот за финансирање. Утре е главната церемонија на потпишување на меѓувладиниот договор. Параф на документот ќе стават вицепремиерот Николоски и Герет Томас, министер за услуги, мали бизниси и извоз во Министерството за бизнис и трговија во Обединетото Кралство. Предвидено е тој да оствари средба и со директорот на авикомпанијата Рајанер од каде што очекува да произлезат и нови летови кон Скопје.
Николоски оцени дека потпишувањето на меѓувладиниот договор претствува историски момент затоа што се работи за досега најобемен договор кој Македонија го постигнала со држава, која е клучен западен сојузник а воедно и светска велесила.
„Тоа не е која било држава, тоа е втората светска сила, држава со која имаме одлична соработка во рамки на НАТО Алијансата, дел е од западната цивилизација, става на располагање најмногу средства и за мене е наважен политичкиот момент бидејќи влегуваме во партнерство со клучен западен сојузник што јасно ја дефинира политиката на Владата, но исто така и позицијата на Македонија како прозападно ориентирана држава и држава која ги почитува евроатланските вредности. Исто ми е драго што Обединетото Кралство објави дека постигнале договор со ЕУ, што значи дека во еден пакет ги имаме трите клучни сојузници на Македонија, тоа е ЕУ, Обединетото Кралство и САД“, истакна вицепремиерот Николоски.
Николоски вчера соопшти дека е многу значајно што согласно со Договорот ќе се разменуваат знаења и практики користејќи експертиза од Владата на Обединетото Кралство и од британски деловни субјекти за подршка на реализација на проекти но исто така и на трансформација на јавната администрација и приватниот сектор со експертиза од бизнис заедницата од ОК но и од владините агенции.
„Оваа соработка ќе биде во согласност со важечкото законодавство, правилата и политиките на секоја од двете земји. Учесниците ќе работат заедно да ги истражат можностите за мобилизирање средства за финансирање на проекти и што е многу значајно, Владата на Обединетото Кралство го потврдува интересот и капацитетот преку Инструментот за финансирање на извозот или УКЕФ, со што става на располагање 5 милијарди фунти или 6 милијарди евра за реализација на проекти во Македонија“, рече Николоски кој потенцира дека финансирањето ќе оди исклучиво со реализација на проекти во рамки на сумата која е на располагање.
Според него, условите за враќање и каматните стапки за средствата од договорот ќе бидат подобри од кое било досегашно позајмување. Финансирањето ќе биде врзано со проектот. Кај некои проекти рочноста ќе е пократка, кај некои ќе е подолга, ќе зависи од кондицијата на македонската економија и буџет, но исто така и од реализацијата на проектите, рече Николоски.
Во однос на каматните стапки посочи дека „иницијално можно е да се движиме и под стапката на инфлација“, но деталите ќе бидат кажани за месец, до месец и половина.
Премиерот Христијан Мицкоски и британскиот премиер Кир Стармер минатата недела на средбата одржана во рамки на Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, постигнаа согласност за договор за стратешко партнерство меѓу Македонија и Британија кој се оценува како историски, а ќе значи уште посилна билатерална соработка и можност за зајанување на политичкиот дијалог.