петок, 2 јануари 2026

Владата сѐ уште нема информации за Стивен Ивановски, кој се води како исчезнат во пожарот во Кран-Монтана

Засега нема дополнителни информации за македонскиот државјанин кој се води како исчезнат по пожарот во швајцарскиот зимски центар Кран Монтана, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева одговорајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција.

Објавено на

часот

Сподели

„Последните информации кои ги добивме од надлежните институции се дека има една личност со македонско државјанство. Во контакт сме со швајцарските власти и полиција и очекуваме повеќе детали во однос на тоа, по што ќе ја информираме јавноста“, изјави Митева.

Таа кажа дека е стапено во контакт со официјални претставници на Швајцарија и понудена е помош.

„Стоиме на располагање и очекуваме доколку е потребно да побараат помош“, рече Митева и во име на Владата изрази жалење и сочувство за несреќата во Кран Монтана.

Претходно, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски објави дека во телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер ја изразил подготвеноста на Македонија да прифати повредени пациенти, како и да обезбеди соодветна медицинска поддршка во домашните здравствени установи.

Министерството за здравство соопшти дека ги разгледува можностите и расположливите капацитети за да ѝ обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија во делот на медицинското згрижување на повредените од трагичниот пожар во Кран-Монтана.

Македонец исчезнал во пожарот што на новогодишната ноќ, избувна во кафе-барот „Ле Констеласион“ во познатиот монденски зимски туристички центар Кран-Монтана во Швајцарија. Информацијата се прошири веднаш откако семејството и пријателите на младиот Стивен Ивановски упатија апел до јавноста за помош. Швајцарската Амбасада во Македонија на својот официјален фејсбук профил објави телефон за помош на роднини на настраданите во пожарот – 0848 112 117.

Околу 40 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени, од кои многумина тешко, во пожарот во бар во скијачкиот центар Кран-Монтана во Швајцарските Алпи за време на новогодишна прослава.

Швајцарскиот претседател изјави дека тоа е „една од најлошите трагедии што нашата земја некогаш ги доживеала“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ