Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека по неколку години застој и уназадување на државата под владеењето на СДСМ и ДУИ, започнаа темелни промени насочени кон унапредување на овој клучен сектор.
„Во рамки на новиот пристап кон земјоделската политика, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја започна националната кампања ‘Македонско Најдобро: Наша традиција, наша гордост’. Кампањата има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните за вредноста и квалитетот на домашните производи, а истовремено да го поттикне производството и да овозможи поголема достапност на македонската храна на пазарот. Новото визуелно лого на кампањата, кое го претставува сонцето и плодната македонска почва, симболизира дека нашата земја ги има сите природни предуслови за производство на квалитетна, здрава и автентична храна. Основната цел на оваа иницијатива е зајакнување на домашното производство, обезбедување просперитет на руралните средини, олеснување на пристапот до пазарот и градење на гордост кај земјоделците за нивната работа. Преку ваквите мерки, се поттикнува развој на локалната економија и се создава поголема вредност за домашните производи и преработки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Податоците од терен веќе ги покажуваат првите резултати. Во споредба со првите пет месеци од 2024 година, во истиот период во 2025 година извозот на земјоделски производи бележи раст од над 50 проценти.
„Тоа претставува зголемување од околу 57 милиони евра, што е значаен успех кој потврдува дека политиките што се спроведуваат даваат резултати. Македонија извезува повеќе храна од порано и се движи во насока на прераснување од увозно зависна во земја извозник на храна. Владата, преку своите политики, покажува дека конечно земјоделците имаат вистински партнер во институциите. Се враќа довербата, се вложува во квалитет, се гради сигурност за иднината и се поставуваат цврсти темели за долгорочен развој. Ја враќаме гордоста кај македонскиот земјоделец. Доаѓа времето на Македонија“, додаваат од партијата.






