среда, 7 јануари 2026

Владата подготвува построги санкции за маркетите, дали милионските суми за казни пак ќе останат само на хартија

Маркетите што ги кршат правилата на фер трговија ќе се соочат со многу построги санкции. Владата најавува законски измени со кои значително ќе се зголемат казните за трговските ланци што практикуваат нефер однесување на пазарот, откако, и покрај апелите и контролите, дел од маркетите продолжуваат со практики што директно ги оштетуваат граѓаните, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Општина Сопиште.

Објавено на

часот

Сподели

Според Мицкоски, измените на Законот за нефер трговски практики ќе бидат доставени до Собранието во првиот квартал од годинава. Во моментов, максималната казна за вакви прекршувања изнесува 20.000 евра – сума која, според Владата, не претставува реален механизам за одвраќање кај големите супермаркети.

„Како Влада не сме љубители на репресивни мерки, но кога неколку ланци се однесуваат незрело, неодговорно и лакомо, и кога профитот е на сметка на граѓаните, тогаш немаме избор. Таквото однесување внимателно го документираме и ќе следуваат жестоки мерки“, изјави Мицкоски.

Мицкоски не сакаше да коментира дали тие маркети се дел од ланецот маркети за кои беше утврдено дека картално се здружувале. За тој случај што го утврди Комисијата за заштита од конкуренција, премиерот рече дека тоа е случај од минатата власт на СДСМ и ДУИ и дека оваа Влада само го процесуирала.

„Тоа е рецидив од претходната Влада на СДСМ и ДУИ, оваа Влада само го процесуираше. Седел во фиока и оваа Влада го ефектуираше. Однесувањето на оваа Влада е да има порака на опомена. Гледаме дека тие два-три ланци на маркети не се корегираат и ако не можат да ја препознаат пораката и главен интерес им е профитот на сметка на граѓаните, тогаш како Влада немаме други опции за да ги заштитиме граѓаните“, рече Мицкоски.

Потврден картел меѓу четири големи маркети

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) во ноември минатата година официјално потврди дека утврдила картелско однесување кај четири големи ланци на супермаркети – Веро, Тинекс, КАМ и Рептил, како и кај Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ).

Според КЗК, овие маркети се договориле да не набавуваат производи од добавувачи кои доставиле нови или зголемени ценовници – практика што е строго забранета со Законот за заштита на конкуренцијата.

За ваквото однесување, секој од четирите маркети беше казнет со по три милиони денари односно околу 50.000 евра, додека Сојузот на стопански комори ќе плати 1,14 милиони денари или околу 18.000 евра иако законот предвидува и казни мерени во милиони евра кои засега остануваат само на хартија и се далеку построги отколку оние што им ги изрече КЗК на четирите маркети и на ССКМ.. Според член 59 од Законот за заштита на конкуренцијата, компаниите можат да бидат казнети со до 10 отсто од вкупните годишни приходи. Според јавно достапните податоци, тоа би значело дека потенцијалните казни за Веро, КАМ, Тинекс и Рептил можеле да достигнат помеѓу 10 и 27 милиони евра казна.

Удар врз потрошувачите и економијата

Изречената казна од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) е за дејствија кои се случувале во февруари 2025 година во кои Сојузот за стопански комори (ССК) е вовлечен од страна на предходното раководство, непочитувајќи ги структурите и кршејќи го статутот на Сојузот на стопански комори на Македонија, изјави веднаш по одлуката на КЗК, претседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски.

„Ова се плодовите на работењето од предходното раковотство во Сојузот на стопански комори на Македонија кои се потврдуваат со паричната казна добиена од Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и со нарушување на угледот на ССК, и е една од големот број на причини заради кои едногласно е разрешено предходното раководство на вонредното собрание во јули 2025 година“, изјави во ноември 2025 година Ѓорѓиевски и кажа дека ССКМ ќе ја почитува одлуката на Комисијата за заштита на конкуренцијата и изречената финансиска казна.

Веднаш по ова, економските експерти предупредија дека картелското здружување во секторот на основни прехранбени производи има сериозни последици и дека тоа е удар врз потрошувачите и економијата затоа што токму храната зафаќа најголем дел од буџетите на македонските домаќинства, што значи дека картелските договори директно ја продлабочуваат нееднаквоста и ја зголемуваат реалната инфлација кај најранливите категории граѓани.

Но, Ѓорѓиевски тврди дека ССКМ секогаш работел во интерес на стопанството и економскиот развој.

„Сојузот на стопански комори е организација која повеќе од две децении работи во интерес на компаниите, стопанството и економскиот развој, почитувајки ги законските рамки и принципите на професионалност, транспарентност и независност. Нашата улога отсекогаш е да обезбедиме поддршка, информираност и размена на добри практики без какво било влијание врз деловните одлуки на компаните или нивните пазарни политики“, изјави тогаш Ѓорѓиевски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ