четврток, 11 декември 2025

Владата планира да купи нов авион, да изгради жичница од подножјето на Водно и нов саем

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, најави дека Скопје би можело наскоро да добие нов саем, но и жичница што би ја поврзувала детската болница во Козле со Средно Водно. Во гостување на ТВ Сител тој откри и дека Владата размислува за набавка на нов владин авион кој би го заменил застарениот „лирџет“.

Објавено на

часот

Сподели

Томовски објасни дека сегашниот владин авион е стар две децении, скап за одржување и со ограничен капацитет.

„Владиниот авион има само шест седишта и е тотално некорисен. Користиме репарирани делови што веќе не се произведуваат, често е на поправка, а од следната недела пак оди на сервис во Германија. Тоа е како да одржуваме олдтајмер“, изјави Томовски.

Тој додаде дека постапката за набавка на нов авион сè уште не е започната, но дека веќе има заинтересирани компании кои доставиле понуди.

„Мора да формираме работна група, а мој предлог е во неа да има и министри. Треба да утврдиме што е најевтино и најкорисно за државата“, рече Томовски и најави дека работната група би можела да се формира до крајот на годината.

Во однос на идејата за нов скопски саем, Томовски откри дека веќе се бара соодветна локација.

„Скопје и Косово се единствени во регионот без саем. Имаме инвеститори кои сакаат да го изградат и стопанисуваат со него. Очекувам многу брзо да имаме конкретна локација“, изјави тој.

За најавената жичница, потребно е да се започне со физибилити студија.

„Во план е да се види изводливоста, па потоа да се разговара за реализација“, рече Томовски и додаде дека над 3.000 службени возила веќе добиле нови обоени регистарски таблички.

„Ги тестиравме на ‘Сејф сити’, камерите ги читаат без проблем. Секој што ќе регистрира возило ќе добие таблички во боја“, рече тој, нагласувајќи дека нема ниту еден случај на партиска злоупотреба.

Во врска со прекршоците снимени од камерите, тој појасни дека најпрво пристигаат кај лизинг-компаниите што ги издаваат службените „шкоди“.

„Ние точно знаеме кој ги должи возилата. Сметам дека треба да се менува Законот, па прекршоците да ги плаќа возачот – оној што го направил прекршокот“, истакна директорот. Во однос на можноста за ГПС-систем, Томовски рече дека ќе се почека да се анализираат резултатите од „Сејф сити“. „Сметам дека ќе има потреба, а годинава планираме да започнеме постапка“, додаде тој.

Томовски се осврна и на работењето на „македонското село“ во Нерези. „По пет-шест години затвореност, конечно заживеа. Остваруваме приход и имаме убава туристичка дестинација во сопственост на државата“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ