вторник, 24 март 2026

Владата нуди систем за електронска архива на Јавното обвинителство за поголема контрола врз предметите

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски изјави дека Владата му нуди на Јавното обвинителство преземање на државниот систем за управување со документи и електронска архива, со цел објективизирање на процесите и спречување на можностите за корупција, или намерно одолговлекување на предметите.

Објавено на

часот

Сподели

Во гостувањето во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, Андоновски посочи дека дигитализацијата е неопходна за намалување на просторот за корупција, при што предложи Јавното обвинителство да го преземе системот за управување со документи и електронска архива што веќе го користат државни институции.

„Мојот предлог е, затоа што ние тоа го работиме, и Јавното обвинителство да го преземе овој наш систем и целата документација електронски да ја архивираме. За секој нов предмет што ќе пристигне во Јавното обвинителство, како кривична пријава или како претставка од граѓани, тој веднаш ќе си биде електронски заверен. Тогаш веќе нема да може определени обвинители да речат „не знам, сум го заборавил предметот, го нема, се изгубил“ итн., а раководителите во обвинителството ќе можат да ги следат тие предмети“, изјави Андоновски.

Според него, со имплементацијата на овој систем точно ќе се знае кога влегол предметот, каде е распределен, кој е одговорен за него и колку време стои во одредена фаза на постапката. Андоновски додаде дека преку платформата за интероперабилност е овозможена лесна, безбедна и заштитена меѓуинституционална комуникација, што го крати патувањето на документите на една секунда.

Андоновски потенцираше дека Владата е подготвена да му помогне на Обвинителството со ресурси и кадар доколку институцијата покаже решителност, но посочи дека таквите барања мора да бидат оправдани со конкретни резултати и решени случаи.

„Но, од друга страна, знаете, порано имаше барања за зголемување на плати, за зголемување на бројот на вработени, за зголемување на бројот на стручни соработници, но во ниеден момент не беа поткрепени со нашите успеси. Олку лица имаме, олку случаи имаме разрешено, вака сме се справиле, за ова сме позитивен пример, ова е добра оценка од Европската комисија, која ни рекла браво за овој и овој случај. Олку средства имаме вратено на државата, во смисла на украдени средства, станови, недвижности. Во ниеден момент тоа не се случи во минатото. Се надевам дека со новиот државен јавен обвинител ќе видиме еден таков вид извештај, не кон Владата, туку кон јавноста, дека Обвинителството си го заслужува местото што го има и угледот што треба да го има“, посочи министерот.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ