„Но, гледам дека не си стојат на зборот и ние ќе се повлечеме од таа набавка и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по конференцијата за формализирање на неформалната економија.
Премиерот уште кажа дека владиниот авион го користел четири пати досега. Од Сплит, Хрватска до Скопје, после годишниот одмор во август лани, се вратил со владиниот авион бидејќи го пропуштил летот на хрватската авиокомпанија Кроација ерлајнс.
„До Хрватска бев со комерцијален лет на ‘Кроација ерлајнс‘ до Сплит, на покана на хрватскиот претседател, господинот Зоран Милановиќ. Имав работна вечера и мојот годишен одмор којшто требаше да трае три дена, го продолжив за еден ден да трае четири дена. И бидејќи го испуштив авионот повратно со комерцијален лет да се вратам во Скопје, а следниот ден имав неодложни обврски, владиниот воздухоплов дојде, ме зема од аеродромот во Сплит и ме донесе во Скопје“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека владиниот авион сè уште е во возна состојба и дека иницијативата да се обезбедат пари за нов дошла од екипажот што го управува авионот.
Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, на последната средба со новинарите најави дека Владата размислува да изнајде начин за набавка на нов владин авион бидејќи сегашниот е склон на чести поправки и е премал за да се користи соодветно.
Владиниот авион „лирџет 60“ е произведен во 2004 во Вичита, Канзас, САД, во фабриката на „Бомбардиер аероспејс“ и е во сообраќај од јануари 2005 година. Kупен e во време на Владата на Владимир Бучковски. Според перформансите, тој е бизнис авион со долет на средни линии, односно од Скопје и Охрид може да лета низ Европа и до Блискиот Исток, но не и на прекуокеански летови. Авионот има седум седишта.






