Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на денешната прес – конференција соопштувајќи ја владината одлука, нагласи дека јавноста мора да ја знае вистината дека оваа одлука е резултат на директна последица на години негрижа, неодговорност и институционален распад што, како што вели, го оставила поранешната влада во периодот од 2017 до 2024 година.
„Актуелниот Извештај се однесува токму на овој период на владеење на СДСМ и ДУИ. И во тие седум години не само што не беше преземено речиси ништо од препораките на УНЕСКО, тие наместо заштита, гледавме игнорирање на експертски извештаи и системско разнебитување. Секој ден како Влада се соочуваме со историски одлуки, не само да го сопреме уништувањето, туку и да го спасиме и обновиме сето она што другите го запоставија“, рече Љутков.
Тој потенцира дека Владата работи посветено во координација со сите надлежни интитуции да покаже дека знае поинаку да е однеува кон културното наследтво и оти има капацитет да ги почитува препораките на ова меѓународно тело за Охрид и охридскиот регион.
„Работиме со максимална посветеност во координација со сите надлежни институции, а тука се МТ, МЖСПП, Управата за заштита на културно наследство, МНРиНТ, домашните експерти се со цел да покажеме дека оваа Влада може и знае поинаку да се однесува кон културното наследство. Но, вистината ќе мора да се каже јасно, додека тие ги затвораа очите, ние ќе ги отвораме вратите за спас, додека тие молчеа пред предупредувањата, ние сакаме да зборуваме со дела. Граѓаните имаат право да знаат дека токму тие што го доведоа Охрид на работ на губење на својот статус се истите кои денес држат чекции од опозиција. Историјата нема да ги заборави овие работи, а ние нема да дозволиме нивната негрижа да го чини Охрид со некаква поинакавка иднина. На денешната седница на Владата се разгледа информацијата и се задолжија сите членови на институциите кои присуствуваат моментално на Комитетот за светско наследство и преку координиран настап, заеднички да поднесеме амандман со цел овој Извештај да се повлече и да покажеме дека оваа Влада има капацитет да покаже дека ќе се посветиме на почитување на препораките“, поочи министерот Љутков.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во нацрт-документот усвоен во рамки на годинашната 47. Сесија што се одржува во Париз бара Охридскиот регион да биде поместен на Листата светски природни и културни богатства во опасност. По разгледувањето на доставената документација во нацрт-одлуката се посочува дека продолжува деградацијата на атрибутите што го поместија Охридскиот регион како заштитено наследство на УНЕСКО и се бара исполнување на забелешките на Реактивната мониторинг мисија од минатата година.
Во нацрт-верзијата на самата одлука и овојпат се нотираат слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација, со конкретен предлог регионот да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.
Во документот, меѓу другото, се повикуваат Македонија и Албанија да работат на зајакнување на прекуграничниот дијалог, и на високо институционално и на оперативно ниво, за да се обезбеди ефективно и одржливо управување со регионот.
Власта предводена од ВМРО ја носи државата до нова национална срамота. Охрид, еден од најзначајните симболи на македонскиот идентитет, култура и природно богатство, е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство, благодарение на неспособноста, неодговорноста и урбанистичкиот дивјачки порив на оваа власт, реагираа претходно од СДСМ.
Исто така, во реакцијата се наведува дека во најновиот нацрт-документ на УНЕСКО, јасно се посочува дека властите во Македонија не ги исполнуваат своите обврски, не го почитуваат ниту најосновното: да ги стопираат деталните урбанистички планови, да спроведат проценки на влијанија, да ја запрат бетонизацијата, да ги отстранат дивоградбите и да ја спасат природната рамнотежа на Охридскиот регион.
„Во декември 2024, УНЕСКО јавно препорача вклучување на Охрид во листата со опасност, оценувајќи дека е во висок ризик поради: урбанизација без контрола, еутрофикација од отпадни води, загрозување на биодиверзитетот, недостиг од трансгранична соработка.
Наместо да го почитуваат уставниот и меѓународен долг да го заштитат Охрид, Мицкоски, неговите министри и неговиот градоначалник Пецаков, со одобрување или молк, го бетонираат крајбрежјето, го газат Студенчишкото Блато, и ги игнорираат сите предупредувања од меѓународните тела. Власта не само што не ја почитува стручната јавност и граѓаните, туку директно ја загрозува економијата, туризмот и иднината на целиот регион“, се вели во рекацијата на СДСМ.
Истовремено се наведува во рекацијата дека претходната влада предводена од СДСМ не само што успеала да го задржи статусот на Охридскиот регион, туку и имала и акционен план усвоен на Влада, во декември 2023 каде јасно биле зацртани целите и задачите на сите засегнати страни.
„Националната комисија за УНЕСКО во претходниот мандат постојано заседаваше и токму нејзината работа беше оценета со најпозитивни оценки во извештајот минатата година. Новата комисија за година дена владеење на ДПМНЕ не одржа ниту еден состанок! Ниту е одржан нов управувачки комитет заедно со Албанија. Ниту е помрднато со спроведување на мерките од акциониот план, кој е владин документ и кој не препознава партија- туку само работа! Средбите кои министерот за транспорт и врски, Александар Николовски ги имаше со највисокото раководство на лицата задолжени за охридскиот регион, не само што не вродија со плод, туку како и секоја друга состојба која претходната влада ја осигура, само беа искористени за себепромоција и за расипување на веќе направеното“, се вели во партиското соопштение на СДСМ.
Според опозициската партија, во случајот со Охрид и УНЕСКО се отвораат веќе затворени прашања.
„Нема усогласување на законите. Ги повлекоа од Собрание предлог-законите за Охридското Езеро (како „споменик на природата“) и за Студенчишко Блато (како „парк на природата“).
Ова е историска неодговорност. Наместо да ги исполнат обврските и да го сочуваат статусот на УНЕСКО, тие спроведуваат шеми за урбан криминал, поттикнуваат градежна анархија и ја претвораат охридската убавина во урбан хаос.
СДСМ бара итна реакција од Владата, со конкретни мерки, стопирање на сите урбанистички дивеења и целосно спроведување на препораките на УНЕСКО. Доколку Мицкоски не знае или не сака, нека се тргне. Охрид не е политичка жртва. Охрид е светско наследство и ќе го браниме со сите демократски, институционални и меѓународни средства. СДСМ останува гласот на разумот, заштитата и иднината на Охридскиот регион“, се порачува во реакцијата на СДСМ.






