„Прва компонента која ја опфаќа овој концепт е Фонд за техничка документација (ФТД) – овој финансиски инструмент/шема за грантови за финансирање на општините и на центрите за развој на планските региони, за изработка на сеопфатна техничка документација за проекти за развој на инфраструктурата е веќе пилотиран во рамки на проектот „Градење на општински капацитети за имплементација на проекти“ и се спроведува во партнерски однос од страна на Министерството за локална самоуправа, УНДП и Шведската развојна агенција – SIDA“, се вели во денешното соопштение по одржувањето на седницата на Владата.
Втора компонента е поддршка и развој на капацитетите на општинската администрација, а оваа компонента, според Владата, би се реализирала преку обуки, стручна помош, размена на искуства и поддршка на меѓуопштинската соработка.
Третата компонента, појаснуваат од Владата, е прегледност на можности за финансирање на проектна основа-платформа со сите можности за финансирање на проектна основа, следење и интегрирање на сите огласи за распределба на буџетски средства кон општините, како и отворени повици за повлекување на донаторски средства.