вторник, 10 јуни 2025

Владата е стабилна, продолжуваме од таму каде што излезе Таравари, категоричен е премиерот

Владата е стабилна, силна, има речиси двотретинска поддршка во рамки на pарламентот и очекувам да продолжиме со коалицијата Вреди, од онаму каде што излезе поранешниот министер за здравство, изјави премиерот Христијан Мицкоски по посетата на ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Прашан кои функционери од Алијанса остануваат со партијата Вреди, Мицкоски рече дека тоа се стратешки теми за коишто ќе се разговара дополнително.

„Бидејќи следат локални избори, потребно е да се гледа пошироко во целиот контекст, не е едноставно. Но она што е важно е дека Владата е стабилна, силна, има речиси двотретинска поддршка во рамки на парламентот и очекувам да продолжиме со коалицијата Вреди онаму каде што, би рекол, излезе поранешниот министер за здравство, кој за жал ја промени реториката во последните неколку денови и сега е во прегратките на оние кои повеќе од две децении го криминализираа општеството. Но тоа е негова одлука“, рече Мицкоски.

Во однос на средбата на Таравари во Тирана со Еди Рама, Мицкоски рече дека уште вчера знаеле дека таа средба ќе се случи.

„Претпоставувам една од темите на којашто се разговара се случувањата во регионот и поблиската соработка меѓу двете земји. Така што, така би коментирал“, изјави Мицкоски.

Лидерот на Алијансата за Албанците – АА, Арбен Таравари, се сретнал со премиерот на Република Албанија и претседател на Социјалистичката партија, Еди Рама, за да му ја честита победата на изборите одржани на 11 мај.

Средбата, како што информираат од Алијанса на Албанците, се одржала во просториите на Владата во Тирана, во пријателска и братска атмосфера.

По тој повод, Таравари ја пренел најискрената честитка во име на Алијансата за Албанците за изборната победа и повторното добивање на довербата од граѓаните за Социјалистичката партија и нејзината визија за Албанија.

„Со најевропскиот премиер во моментов, или како што сите велат во овие денови: со Еди“, напишал Таравари по средбата.

За време на разговорот биле дискутирани и прашања од значење за Албанците во регионот, како и потребата за зајакнување на меѓуалбанската соработка на сите нивоа – политичко, институционално и општествено.

Алијансата за Албанците високо ја цени улогата на Албанија како клучен фактор во поддршката на демократскиот развој и правата на Албанците во регионот и изразила подготвеност за понатамошно продлабочување на таа соработка.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ