„Апелирам до сите институции да го поднесат бројот на службените возила“, рече денеска портпаролката на Владата Марија Митева, во одговор на новинарско прашање по објавата од ДКСК дека во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал институциите пријавиле податоци за 1.916 возила.
Митева уверува дека ќе се испочитува рокот за означување со боја на регистарските таблички на службените возила.
„На седница на Владата веќе е донесена одлука дека рокот за поставување на регистерски таблички во боја е до 15 септември и тоа ќе го завршиме се во насока да нема повеќе злоупотреби на службени возила за цели кои се надвор од службените“, посочи портпаролката на Владата Митева.
Рокот за доставување податоци за бројот, марката на возилото, година на производство, регистарски број и возна состојба до ДКСК заврши на 18 август. Доколку правните лица не ги достават податоците за возилата со кои расолагаат во предвидениот рок, ДКСК покренува прекршочна постапка во рок од 15 дена од истек на рокот за доставување на податоците.
Според одлуката на Владата, до 15. следниот месец сите службени возила треба да добијат специјални таблички во црвена боја. Се предвидува да се воведе и специјален регистар на државните автомобили, којшто ќе овозможи прецизна евиденција за местоположбата и користењето на секое службено возило.
Во Регистарот на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија или други правни лица што располагаaт со државен капитал на Државната комисија за спречување на корупција во рамки на рокот предвиден со изборните дејствија за локалните избори на 19 октомври евидентирани се 1.916 возила пријавени од страна на повеќе институции.






