вторник, 24 март 2026

Влада: Професионализмот во медиумите не е опција, туку обврска

По реакциите во јавноста на провокацијата во Тетово, упатена спрема министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пласирана како „новинарско прашање“ ( дали донела преведувач), алудирајќи на некаква рестриктивност на употребата на македонскиот јазик на целата територија на Македонија, денеска Владата се огласи со официјално соопштение.

Објавено на

часот

Сподели

„Во насока на зачувување на достоинството на јавниот дискурс, унапредување на демократските вредности и заштита на интегритетот на институционалната комуникација, Владата чувствува обврска јавно да реагира на неодамнешниот настан кој отвори сериозни дилеми за почитувањето на основните принципи на професионално и етичко однесување во медиумскиот простор“, се наведува во соопштението од Владата.

При тоа се нагласува дека заштитата и унапредувањето на слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања од јавен интерес, без никакви ограничувања или притисоци се обврска на институциите , но истовремено се нагласува дека ова право подразбира и обврска за професионално, достоинствено и етичко однесување.

„Слободата на изразување не смее да биде изговор за нарушување на личниот и институционалниот интегритет. Во таа насока, изразуваме сериозна загриженост и остра реакција на неодамнешниот настан на јавен медиумски настан, при кој новинарот Невриј Адеми, со очигледно несоодветен тон, непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Особено нè загрижува фактот што ваквиот непримерен однос не претставува изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција. Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор.

Воедно, Владата јасно им укажува на сите носители на јавни функции, дека од нив се очекува највисоко ниво на почит и коректност кон медиумите и новинарите. Но, исто така, со еднаква сериозност очекуваме и новинарите да возвратат со ист степен на професионализам, почит и одговорност. Почитта е, и мора да остане, двонасочна вредност во секое демократско општество“, се наведува во рекацијата од Владата.

Во контекст на спорниот настан, Владата апелира до Советот за етика во медиумите, Здружението на новинарите и Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници, како релевантни организации, јавно и недвосмислено да го осудат ваквиот чин на однесување.

„Очекуваме нивна активна улога во зајакнување на професионалните стандарди, како и упатување на јасен повик до сите медиумски работници за доследно почитување на етичките принципи, достоинството на личноста и културата на јавен дијалог. Ваквите ситуации, кога јавната комуникација се одвива надвор од рамките на пристојноста и меѓусебната почит не смеат да останат без соодветна институционална реакција, имајќи ја предвид нивната поширока импликација врз квалитетот на јавниот дијалог и довербата во институциите“, велат од Владата, изразувајќи искрена благодарност до сите новинари и медиуми кои со своите јавни реакции веќе јасно, принципиелно и недвосмислено го осудија ваквиот чин, демонстрирајќи високо ниво на професионална зрелост и посветеност кон етичките стандарди.

„Само преку заемна почит, одговорност и придржување кон високите професионални стандарди може да се гради здрав, демократски и кредибилен медиумски амбиент, кој ќе биде во служба на јавниот интерес“, се порачува во соопштението од Владата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ