Со овој чекор, компанијата ја зајакнува својата долгорочна стратегија и го потврдува континуираниот стремеж кон интегрирање на традицијата, иновацијата и квалитетот што ја обележуваат нејзината повеќедецениска работа, според генералниот извршен директор, Сашо Наумоски.
„Процесот на воведување ЕСГ во Витаминка не е административен чекор, туку длабинска трансформација на начинот на кој во компанијата се размислува, планира и дејствува. Со тоа оваа деловна обврска, станува стратешки избор кој ја потврдува нашата посветеност на одговорно и транспарентно работење. Нашата амбиција е ЕСГ да стане дел од секојдневјето, започнувајќи од одлуките во менаџментот, па до идеите што доаѓаат од нашите вработени. Тоа е нов начин на размислување што нè потсетува дека секој чекор има влијание и врз луѓето и врз животната околина. Веруваме дека со ова ќе ја зајакнеме конкурентноста на компанијата и ќе придонесеме за создавање подобра иднина за сите,“ изјави Наумоски.

ЕСГ претставува глобално признат модел за мерење и управување со влијанието на компаниите врз животната средина, општеството и корпоративното управување. За Витаминка, ова значи надградување на процесите за намалување на влијанието врз околината, поголема грижа за вработените и заедницата, како и јакнење на транспарентноста и етичкото дејствување. Примената на ЕСГ-моделот ќе ѝ овозможи на компанијата поефикасно да ги следи своите резултати, да поставува јасни цели и да обезбеди повисок степен на отчетност кон сите засегнати страни.
Имплементацијата на ЕСГ ќе се реализира етапно во следните три до пет години, при што до крајот на април 2026 година ќе биде подготвен и првиот ЕСГ-извештај. Во овој период, компанијата ќе работи на намалување на емисијата на CO₂, воведување енергетски поефикасни технологии, подобрување на управувањето со отпадот и оптимизација на транспортните процеси. Истовремено, ќе се унапредат програмите за развој на вработените, инклузивноста, родовата еднаквост и партнерството со локалната заедница. Компанијата ќе продолжи и со зајакнување на корпоративната етика, управувањето со ризици и усогласувањето со европските стандарди за одржливо корпоративно управување.
Витаминка гледа на ЕСГ како на долгорочна трансформација што започнува одвнатре, со подигнување на свеста, подобрување на интерните процеси и градење корпоративна култура, во која секоја одлука и секој чекор го земаат предвид влијанието врз луѓето и планетата. Со ова, компанијата прави значаен исчекор кон европските и глобалните стандарди за одржливост и ја зацврстува позицијата како одговорен и современ индустриски лидер.
Витаминка продолжува да гради на своите вредности на квалитет, доверба и грижа за заедницата, создавајќи основа за поодржлива иднина за сегашните и идните генерации.






