четврток, 29 јануари 2026

Висока лавинска опасност на Шар Планина

Националниот парк Шар Планина преку соопштение ја информира јавноста дека на територијата на паркот во моментот е присутна висока лавинска опасност, особено во деловите од планината што се наоѓаат на надморска височина над 1.700 метри.

Објавено на

часот

Сподели

Тие објаснуваат дека зголемената лавинска опасност е резултат на специфична комбинација на временски услови, вклучувајќи ги температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите неколку денови. Овие фактори, во комбинација со релјефните карактеристики на теренот, создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и појава на лавини.

„По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци „Ескимо спорт“ за забележана лавина на подрачјето на паркот, екипа на Националниот парк Шар Планина излезе на терен и изврши увид на локацијата на која е потечена лавина. Претходно, екипа на операторот ‘Ескимо спорт’ извршила пребарување на лавинскиот терен со употреба на лавински уреди, при што е констатирано дека во лавината нема затрупани лица кои со себе поседуваат лавински уреди, а до овој момент нема пријави за исчезнати лица. За среќа, настанот поминал без човечки жртви “, соопштуваат од Националниот парк.

Паралелно со теренскиот увид била спроведена и експертска анализа на стабилноста на снежната покривка од страна на стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планинскиот туризам.

„Во согласност со извршената процена, утврден е висок степен на лавинска опасност – степен 4, според европската скала за оценување на лавинскиот ризик  (5 – многу висок, 4 – висок, 3 – значителен, 2 – умерен, 1 – низок).Националниот парк Шар Планина ги предупредува сите посетители да постапуваат со зголемена претпазливост, да избегнуваат движење во потенцијални лавински зони, како и да не се движат во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и стручно обучени лица. Истовремено, се апелира посетителите навремено и точно да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница на паркот“, се вели во соопштението.

Стручните служби на Националниот парк Шар Планина, во соработка со туристичките оператори и експертите за лавини, континуирано ќе ја следат состојбата на терен и навремено ќе ја информираат јавноста за сите промени поврзани со лавинската опасност.

„Потсетуваме дека зимските убавини на Шар Планина претставуваат исклучителна природна атракција, но истовремено бараат високо ниво на одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните принципи и правилата за движење во заштитено подрачје. Дополнително, важно е да се нагласи дека лавинската опасност е тешко предвидлива појава, која бара значителна експертиза и внимателна процена и на теренските и на временските услови“, потенцираат од НП Шар Планина.

Од таму со апел до сите посетители личната безбедност да ја стават на прво место и да придонесат кон безбедно, одговорно и одржливо користење на планината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ