четврток, 29 јануари 2026

Виркунен: Со новата стратегија за визи се предлага поголема флексибилност за престој на превозниците од Западен Балкан во ЕУ

Загриженоста што ја иницираа транспортните оператори од Западен Балкан е значајна и свесни сме за тешкотиите со кои се соочуваат превозниците, изјави извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, при презентацијата на стратегијата за визи на ЕУ и на европската стратегија за управување со азил и миграција, усвоени на денешната седница на Колеџот на комесарите.

Објавено на

часот

Сподели

„Со оваа стратегија за визи исто така се осврнуваме на оваа прашање, па затоа предлагаме да разгледаме поголема флексибилност за нив, секако без да се загрози безбедноста, а во исто време и да не се променат правилата, дури кога станува збор и за безвизно патување“, изјави Виркунен.

Таа потенцира дека кога станува збор за прекугранични работници, кои секојдневно ја минуваат границата на ист премин, има исклучоци и флексибилност, но тоа не важи за некои други професии, каде што исто така се идентификувани предизвици, како што се возачите на камиони, спортистите и уметниците.

„Но, ние го разгледуваме тоа и во оваа стратегија за визи сега се осврнуваме на овој проблем“, додаде Виркунен, без да наведе конкретни мерки.

Таа нагласи дека со новиот систем за влез и излез (ЕЕС) не се воведени никакви нови правила кога станува збор за должината за краток простор во шенген-зоната без визи, и натаму останува можноста за престој до најмногу 90 дена во период од 180 дена.

Според Виркунен, стратегијата за визи поставува рамка за постартешка визна политика на ЕУ, која ги унапредува долгорочните интереси на Унијата овозможувајќи ѝ да биде подобро опремена за растечката мобилност, како и за последиците од регионалната нестабилност и геополитичката конкуренција.

„Визната политика е стратешка алатка за безбедноста и конкурентноста на Европа. Модерен, сигурен и ефикасен визен систем ги зајакнува безбедноста и довербата кај партнерите, а воедно помага во привлекувањето висококвалификувани професионалци, иновативни идеи и инвестиции и ја поддржува позицијата на Европа како дестинација по избор за таленти“, порача Виркунен.

Посочи дека на овој начин Европа останува конкурентна на глобално ниво, создава квалитетни работни места и гради силно, фер и просперитетно општество.

Виркунен додаде дека стратегијата има цел да ја направи Европа побезбедна преку зајакнување на првата линија на безбедносен скрининг; попросперитетна и поконкурентна преку олеснување на пристапот за оние што придонесуваат за европските економии и општества; повлијателна на глобално ниво преку унапредување на стратешките интереси, вредности и глобална позиција на ЕУ; и поефикасна преку попаметна, модерна и кохерентна политика за визи.

„Заедно со стратегијата Комисијата усвои и препорака за привлекување таленти за иновации за да ја направи ЕУ попривлечна за висококвалификувани и вешти професионалци, студенти, истражувачи и иновативни претприемачи и да ја поддржи конкурентноста на ЕУ во глобален контекст“, додаде Виркунен.

Според еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, начинот на кој ЕУ управува со пристапот до нејзината територија е стратешки избор.

„Кредибилната визна политика е моќна алатка што ги штити интересите на ЕУ и безбедноста на шенген-зоната. Со оваа стратегија покажуваме дека Европската Унија е подготвена да ја обликува мобилноста според наши услови зајакнувајќи го нашиот капацитет да ги заштитиме нашите граници и да го одржиме интегритетот на шенген, а воедно привлекувајќи ги вештините што им се потребни на нашата економија и на општествата за да напредуваат“, додаде Брунер.

Стратегијата за визи е базирана врз три клучни столба – зајакнување на безбедноста на ЕУ, зголемување на просперитетот и конкурентноста и современи алатки за визи.

Со документот се предлагаат конкретни мерки за искористување на визната политика за унапредување на стратешките интереси на ЕУ преку воспоставување модерен систем за доделување безвизен статус на земји партнери, реформирање на механизмот за суспензија на визите, можност за воведување челно насочен визен режим, можности за суспензии, одбивање или ограничување на барањата за визи и зајакнување на безбедноста на патните документи.

Поаѓајќи од пристапот дека патувањето и мобилноста се главен двигател на европската економија, стратегијата предлага нови дигитални процедури за патниците, како што е ЕТИАС-системот, кој треба да почне да функционира од четвртиот квартал на 2026 година, воведување визи за повеќекратните влезови со подолга важност за стимулирање на економската активност и можни измени на правилата на ЕУ за престој на студенти, научници и висококвалификувани и квалификувани работници.

Со цел зајакнување на безбедноста и олеснување на легалните патувања, со стратегијата се предвидуваат дигитални алатки за модернизација и управувањето со границите. Овие ИТ-системи ќе бидат интероперабилни до 2028 година, што ќе овозможи пребарување на повеќе бази на податоци одеднаш подобрувајќи ја размената на информации и спречувајќи злоупотреба на визи.

Со препораката за привлекување таленти се утврдуваат конкретни начини на кои земјите членки може подобро да ги користат своите процеси за привлекување и задржување студенти, нужници и висококвалификувани и квалификувани работници преку поедноставни и побрзи процедури за издавање визи и дозволи за престој преку подигитализирани процеси.

Од друга страна, европската стратегија за управување со азил и миграција треба да служи како компас со конкретни приоритети за следните пет години и да отвори ново поглавје за миграцијата и азилот. Стратегијата е насочена кон спречување на илегалната миграција, прекин на бизнисот на криминалните мрежи за шверцување, заштита на луѓето што бегаат од војна и прогон и спречување злоупотреба на системот.

Според Виркунен, ЕУ во изминатите години постигна значителен напредок во управувањето со миграцијата и азилот и сега е време целосно да го спроведе пактот за азил и миграција.

„Мора да го одржиме намалувањето на илегалните пристигнувања, а во исто време да ги поттикнеме законските патишта кон ЕУ. И двете се потребни за да функционира нашиот систем и нашите општества и економиите да напредуваат“, рече Виркунен.

Таа нагласи дека целата на оваа стратегија е да се обезбеди заштита, а воедно и справување на злоупотребите, поддршка на економскиот раст и конкурентноста и одржување на европските вредности.

Еврокомесарот Брунер додаде дека оваа стратегија претставува визија за иднината на политиката за миграција и азил на ЕУ.

„Приоритетот е јасен. Намалување на бројот на илегални пристигнувања и нивно одржување. Злоупотребата ѝ дава на миграцијата лошо име, ја поткопува јавната доверба и на крајот ја одзема нашата способност да обезбедиме заштита и го поткопува нашиот стремеж да привлечеме таленти. За да ги заштитиме оние на кои навистина им е потребна заштита и да ја добиеме глобалната трка за најдобрите умови, мора ефикасно да ги контролираме нашите граници, да ја ограничиме илегалната миграција и да спречиме злоупотреба на нашите системи“, рече Брунер.

Стратегијата се фокусира на засилување на миграциската дипломатија преку промоција на сеопфатни и корисни партнерства, користење стимулации и засилување на глобалната борба против шверцот на мигранти, како и подобрување на контролата и безбедноста на границите на ЕУ, вклучително и преку системите за влез и излез (ЕЕС) и новиот европски систем за авторизација на информации за патување (ЕТИАС).

Документот воспоставува цврст, фер и приспособлив систем за азил и миграција, поефикасен модел за враќање и реадмисија и овозможување мобилност на работната сила за зголемување на конкурентноста.

Стратегијата исто така го промовира целосното искористување на потенцијалот на дигитализацијата и вештачката интелигенција во управувањето со азилот и миграцијата, со што оваа година се воспоставува форум за вештачка интелигенција во миграцијата. Целта е на земјите членки да им се обезбедат модерни, побезбедни и поефикасни алатки за подобрување на квалитетот, конзистентноста и навременоста на донесувањето одлуки, како и за подобрување на безбедноста и на услугите за луѓето.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ