Тој истакна дека не смее да има граѓанин кој нема да го осуди ваквиот акт, нагласувајќи дека, иако треба да се почекаат резултатите од истрагата, сторителите мора да бидат изведени пред лицето на правдата. Според него, напад врз заедница која е дел од општеството претставува напад врз сопствените сограѓани и е спротивен на основните вредности на македонското општество.
Габер предупредува дека ваквите дејствија може да бидат резултат на погрешно разбирање на геополитичките случувања, особено оние поврзани со конфликтите во Персискиот Залив, но и можен обид за дестабилизација на државата. Тој повика институциите не само на брза истрага, туку и на преиспитување на евентуални пропусти во безбедносните проценки.
Воедно, тој нагласува дека е неопходно внимателно позиционирање на државата во актуелните меѓународни состојби, со цел да се избегнат тензии кои би можеле да поттикнат екстремни постапки.
Габер се придружи кон осудите за инцидентот, вклучително и реакциите од дипломатски претставници на Израел, но подвлече дека треба јасно да се разграничи поддршката кон Еврејската заедница во Македонија од политиките на израелската влада предводена од Бенјамин Нетањаху.
„Плитки умови нема само кај нас“, заклучува Габер.






