Последното на што се сеќава е дека лежел на земја со приклештени нозе, повикувајќи на помош.
Сведокот Иван Данаилов, кој вечерта на 16 март 2025 година бил на роденден во дискотеката „Пулс“, изјави дека често ја посетувал, посочувајќи дека сега има 25 години, а првпат влегол кога имал 16, како малолетник.
На прашање од Обвинителството дали во дискотеката имало и други малолетници, Данаилов рече дека често не бил единствен, додавајќи дека низ годините, како и кобната вечер, редовно забележувал малолетни лица меѓу посетителите.
За критичната вечер сведокот изјави дека купил билет на вратата од обезбедувањето. На прашањето како знаел дека станува збор за обезбедување, рече дека ги препознавал бидејќи секогаш биле присутни и ангажирани во дискотеката.
„Не сум забележал значка, но на некои од нивните јакни пишуваше ‘секјурити’’“, рече Данаилов.
Опишувајќи ја внатрешноста на објектот, сведокот изјави дека знаел дека постои и втора врата, но никогаш не видел да се користи, ниту пак забележал ознаки за излез.
Како што рече, вечерта поминувала нормално, иако дискотеката била преполна, а движењето меѓу масите отежнато. Бил свртен со грб кон бината и не го видел моментот кога избувнал пожарот, но претходно, според неговото сведочење, во дискотеката имало настапи и шоу-програми со оган.
„Пожарот настана во 2:33 часот. Прво не го забележавме бидејќи беше директно над нашите глави. Потоа од бендот кажаа дека има пожар, побараа помош од сопственикот да донесе ПП-апарат и го стопираа настапот. На излегување се разминував со Михајло, кој носеше ПП-апарат, а мислам дека некој веќе гаснеше од бината. Пред излезот настана стампедо и се чувствуваше мирис на чад. До скалите успеав да останам на нозе сè додека едно лице пред мене не се сопна и сите паднавме“, сведочеше Данаилов.
Потоа, како што рече, се нашол на земја, неспособен да стане бидејќи нозете му биле приклештени од други лица.
„Во тој момент го видов Столе од обезбедувањето. Му побарав помош, ми подаде рака и ме извлече. Јавно му се заблагодарувам“, изјави сведокот.
Откако излегол надвор, почнал да ги бара пријателите, го земал автомобилот и купил неколку пакети вода, кои им ги делел на повредените што излегувале од објектот. Тоа го направил неколкупати, по што полицијата го затворила пристапот до местото.
На вкрстено прашање од адвокатката на сопственикот на дискотеката, Дејан Јованов, во врска со втората врата, сведокот појасни дека при полициски контроли се случувало полицајци да застанат до неа за да спречат излез на лица.
„Не сум видел некој да ја користи, но не можам да тврдам дали била во функција“, изјави Данаилов.
На прашање од одбраната на директорот на „Рубикон“, Јане Јанчевски, во врска со влегувањето како малолетник, сведокот изјави дека никогаш не влегувал скришно, туку поминувал покрај обезбедувањето, без да му биде побарана лична карта.
„Како малолетник никогаш не сум бил идентификуван при полициска контрола, ниту сум забележал проверка на малолетни лица“, рече тој.
Прашан од бранителот на обезбедувањето, Стојанче Димитриев, дали лицето што му помогнало му помагало и на други, сведокот изјави дека не видел, бидејќи тој заминал, а обезбедувачот останал таму.
Ова е прво рочиште годинава, откако претходното беше одложено по барање на бранителката на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џаферовски, која во меѓувреме беше избрана за член на Судскиот совет.
На последното рочиште во декември, семејствата на загинатите со солзи, длабоки воздишки и болни лелеци ги слушаа сведочењата, додека обвинетите молчеа со наведнати глави. Сведоците, низ солзи и тишина, порачаа дека по 16 март нивниот живот засекогаш се променил.
На почетокот на процесот обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата. Тој порача дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти и институционален молк што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Одбраната, пак, оспори дел од обвинението, тврдејќи дека трагедијата е последица на институционални пропусти, а не на индивидуална вина.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле користени без дозвола. Дискотеката со години работела без соодветни дозволи и без систем за противпожарна заштита.
К.Д.






