„На денешната седница на Владата, којашто е во тек, ќе биде овластен потпретседателот на Владата и министер за транспорт да замине во Лондон, да го потпише договорот оваа недела. Мислам дека утре или задутре, среда или четврток ќе биде и официјално потпишан и на тој начин ќе отпочне проектот за реализација на економскиот дел од договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство. Знаете, веќе тоа го комунициравме со јавноста. Имаме на располагање 5 милијарди фунти, околу 6 милијарди евра за проекти коишто се стратешки, јас би рекол трансформациони за државата.
Инаку пругата е дел од коридорот 10, којшто ги поврзува Табановце со Гевгелија. Тој проект опфаќа целосна модернизација, реконструкција и изградба на уште еден паралелен колосек. Практично ќе имаме два колосека сега, со што карго транспортот ќе се одвива со просечна брзина поголема од 110 километри на час. Денеска буквално, композициите за карго транспортот лазат кога се движат по коридорот 10, на некои места и по 5-10 километри на час, се вози. Во просек таа брзина е негде околу 25 километри на час, а патничкиот ќе биде околу 160 километри на час, така што ќе има за неколку пати поголема и побрза размена на карго транспортот и на патници“, вели премиерот Мицкоски.
Истовремено, дел од средствата ќе бидат наменети за завршување на проектот за Клиничкиот центар во Штип, со што источниот дел од државата би добил вистинска современа и модерна здравствена нега, вклучително и Медицински факултет и студентски дом со двесте легла. Како дополнение, ќе се гради болницата во Кичево, за која веќе е постигната согласност, како и целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово.
„Ова е само почеток, а потоа следен чекор се и други проекти во делот на енергетиката, транспортот, повторно во здравството, така што ова се капитални инвестиции. И сè уште не можам да се изначудам на некои коментари што доаѓаат од опозицијата, а најмногу се чудев, кога вчера, коментарот беше од таму, дека се задолжуваме за капитални инвестиции. Јас навистина не знам кој ја подготвува комуникациската стратегија во опозицијата, но мојот совет до нив е дека, не одат добро и мислам дека на Македонија ѝ е потреба квалитетна опозиција, конструктивна, којашто тоа што го артикулира како порака, практично ќе додава вредност, а не да изгледа, би рекол, на моменти и смешно“, порача Мицкоски до опозицијата.