Коосновачот и управувачки партнер на „Алказар енерџи“ Даниел Калдерон најави намалување на цената на струјата со овој проект за чиј старт ја истакна подготвеноста на државата, како што рече, со покажано лидерство и дисциплина.
„Раководството на државата нас нè туркаше да ги завршиме работите побргу. Ги поставуваме темелите на овој значаен проект над 500 милиони долари, кој ќе создаде 600 работни места, ќе создаде чиста енергија, ќе ги намали емисиите на јаглероден диоксид“, рече Калдерон.
Тој сподели дека според анализа на Блумберг во Западен Балкан ќе има нови инвестиции во обновливи извори на енергија во износ од 11 милијари долари, во кои, рече дека државава би имала удел од 30 до 40 проценти поради позицијата, човечкиот капитал и дисциплината.

Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека по повеќе од една година тоа што го ветиле со инвеститорот денеска добива завршница на првата фаза.
„Дисциплината е секогаш најважна, ако нема дисциплина и јасно поставена структура на еден проект тогаш нема ништо. Имаме уште многу идеи како оваа ивестиција може да додаде уште поголема вредност и за компанијата, и за нас како држава“, рече Мицкоски.
Владата, како што наведе, сериозно е посветена на економијата, бидејќи силно веруваме дека имаме огромен потенцијал кој може да нè одведе со гигантски чекори напред.
„Тоа го правиме и такви се првичните индикатори од почетокот на оваа година“, посочи премиерот.
Според вицепремиерот и министеро за транспорт и врски, Александар Николовски, со реализацијата на оваа, како што истакна, најголема инвестиција во обновливи извори на енергија, покажуваме дека како нација можеме да водиме големи проекти.
„Во однос на економијата имаме директен и индиректен импакт, директниот е она што ќе се произведе и продаде и влегува во БДП, но индиректниот е многу поголем, пред сè, за стопанството и индустрјата. Правилата на ЕУ во однос на зелената транзција се дека во металната, челичната индустрија, кои придонесуваат најмногу за нашиот БДП, дека веќе од 2026 година мора да се користи зелена енергија. Во спротивно ќе се плаќа казна, за да го спречиме тоа, за да дадеме шанса на нашата економија да е конкурентна надвор, вакви проекти ќе придонесат за да бидеме лидери и во индустриското производство“, рече Николоски.






