Кога контекстот на ваквите „пораки од иднината“ ќе се совпадне со некоја статистика од нашата реалност, подготвени сме лесно да прифатиме дека вештачката интелигенција „си дошла по своето“. Па така намалениот број на запишани студенти на ФИНКИ (Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство) во Македонија, во академската 2025/26 година, веднаш беше протолкуван како намален интерес на младите за овие студии, токму поради предупредувањата дека веќе нема потреба од академско усовршување во информатичките науки на младата човечка интелигенција, токму поради вештачката интелигенција.
Имено, во академската 2024/25 година на ФИНКИ се запишале 750 студенти, а оваа 2025/26 запишани се 70 студенти помалку, односно 680. Во однос на „бумот“ за ФИНКИ што се случи за време на короната, (2020, 2021,2022) кога се запишуваа 1.100 студенти годишно, бројките наведуваат на заклучок за драматичен пад на интересот за информатичките студии.
Нереална бројката на запишани студенти во минатото
Од ФИНКИ категорично демантираат дека намалената бројка на новозапишани студенти значи намален интерес за информатичките студии, а уште помалку дека причинита за ваквиот привиден тренд е вештачката интелигенција.

„Навистина имаме намалување на квотата за новозапишани студенти на ФИНКИ, но тоа е всушност реалната бројка на интерес на квалитетни студенти, односно на студенти кои се вистински заинтересирани, упатени и подготвени за информатичките студии. Претходните квоти беа нереални, зашто државата имаше политика да бидат запишани сите што ќе пројават интерес да се запишат на нашиот факултет. ФИНКИ стана особено привлечен за студирање во време на корона-пандемијата, односно во време на карантините, кога почна да се работи онлајн, а ние и претходно имавме онлајн-настава. Тогаш, веројатно беше врвот на интересот за студирање на ФИНКИ, кога се запишуваа и 1.100 нови студенти, што беше нереално и според условите во однос на капацитетите за настава што ги имаме, но и според предзнаењата што ги имаа сите студенти што се запишуваа. Селекцијата се случуваше уште во прва година, кога речиси половината од запишаните се откажуваа“, вели професор од ФИНКИ.
При формирањето на ФИНКИ, во 2011 година се квотата за запишување на студенти била 550, според која и сега запишаните 680 е сепак зголемена за 130 студенти. На факултетот сметаат дека тоа е реалната бројка според потребите на ИТ-секторот во Македонија, иако нивните студенти почнуваат да работат уште од втора и трета година на студии и не само во земјава. Иако по „бумот“ на ИТ-секторот за време на пандемијата, сега тој како да е во стагнација во светски рамки, односно компаниите се резервирани за влегување во нови проекти, за студентите на ФИНКИ нема криза, особено не поради вештачката интелигенција.
„Вештачката интелигенција последно што ќе смени од актуелните професии се информатичарите. Информатичарите всушност ја создаваат и одржуваат вештачката интелигенција. Навистина, развојот на вештачката интелигенција може да влијае на укинување на работните места за програмери кои се обучени за конкретни системи, односно стручни се за извршување само на една работа. Постојат и кај нас приватни академии кои вршат обука за еден конкретен систем, на конкретна ИТ-фирма. Но и самите тие фирми развиваат нови технологии, нови системи за кои е потребна нова обука, а некои можат да бидат управувани и со вештачка интелигенција. Но информатичките инженери што се образуваат на ФИНКИ имаат знаење да создаваат такви нови системи“, велат професори од ФИНКИ.
Што се однесува до намалената бројка на квотите за студенти, уверуваат дека тоа е контролиран пад. Моментално имаат 4.500 активни студенти, од кои 700 треба да дипломираат оваа година. Како факултет работат на пет европски и НАТО проекти, меѓу кои и на два големи државни проекти. Еден од нив е и Антена, проект од шест милиони евра, финансиран од ЕУ, за дигитална трансформација на државните институции.
Коцарев: Вештачката интелигенција може да „халуцинира“ – треба да се контролира

Академик Љупчо Коцарев, поранешниот претседател на МАНУ и еден од најкомпетентните за вештачката интелигенција во Македонија, вели дека таа е далеку од безгрешна и дека во реалноста сепак има потреба да биде под контрола на „природната интелигенција“. Тој смета дека намалените квоти за студенти на ФИНКИ не се поради тоа што вештачката интелигенција веќе ги заменува програмерите, иако остава простор тоа да е делумна причина.
„Вештачката интелигенција може да програмира на некое прво, базично ниво, но за повисоко ниво на програмирање, сепак треба да биде контролирана – затоа што и таа греши. Не е исклучено, кога ќе се најде пред некоја сложена ситуација и да ‘измислува’ или да ‘халуцинира’, односно парафразира, или креира самостојно цитати од базите на податоци, што изворно не постојат. Кога во таква ситуација моделот на ВИ ќе биде прашан зошто го сторил тоа, одговара ‘ми изгледаше потребно’. Така што сметам дека далеку сме од тоа вештачката интелигенција да биде оставена самостојно да програмира. И доколку има некаков намален интерес за студирање на ФИНКИ, можеби тоа е само делумно поради вештачката интелигенција. Би рекол дека повеќе влијае тоа што некои компании од ИТ-секторот се повлекоа од Македонија“, вели академик Коцарев.
Во однос на митот за семоќноста на вештачката интелигенција, Коцарев вели дека тој се создава уште од мигот кога е создаден тој термин во 1956 година.
„Уште од првата конференција во 1956 година, кога е предложен терминот ‘вештачка интелигенција’, се говорело дека за 2 месеца ги реши сите предизвици, загатки и тајни на науката, па и на светот. Денес можеме да ги користиме придобивките на овој корисен изум, но треба да бидеме свесни дека ‘сите модели се грешни, само некои се корисни’. Така што мора да се провери сè што доаѓа од вештачката интелигенција. Во реалноста, вештачката интелигенција има потреба да биде контролирана од ‘природната интелигенција’ “, смета академик Љупчо Коцарев.
Ј.П.






