сабота, 17 мај 2025

Верниците го слават Велигден

Христијанските верници го слават најголемиот христијански празник Велигден.  Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, но и во другите христијански цркви во земјава.

Објавено на

часот

Сподели

„Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега, по страшниот пожар во Кочани во кој пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението“, порачува архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во Пасхалното послание.

Оваа година и православните и католичките верници го слават Велигден на ист ден – 20 април. Христијанските верници со овој празник го прославуваат воскреснувањето на нивниот бог Исус Христос по неговата смрт со распнување.

Во посланието од поглаварот и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, се посочува и дека оваа година прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, на кој е донесена одлука со која е најавено воскреснувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.

„Собрани со торжествена радост, соединети со вера во воскреснатиот Господ, денес го славиме најголемиот настан во историјата – Христовата победа над смртта! На овој Празник над празниците, во овој Ден на незаодната светлина, кога исчезнуваат сите граници меѓу земното и небесното, откако поклонички и смирено го изодевме патот на благословениот Велигденски пост, еве, радосно ја празнуваме победата на животот! Исправени во стамена послушност на Божјите заповеди и внурнати во несогледливите и неискажливи длабочини на Божјите тајни, денес повторно го осознаваме искупителниот дар на неизмерната Божја љубов, на вистинскиот и неминлив живот во кој Бог нè приведе од небитие, благоизволувајќи довека да сопостоиме со Него…

Затоа, честитајќи ви го празникот над празниците – Велигден, посакуваме благословението Господово да завладее во секого од нас и во сиот свет. А за тоа потребно е, кога во овие велерадосни денови празнично едни со други ќе се поздравуваме со ‘Христос воскресна’ – ‘Навистина воскресна’, ние, од длабочината на нашите срца, да ја исповедаме верата дека Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која Го воскресна и нашиот Господ.  Така и да ја живееме нашата вера, исповедајќи: ‘Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век’! Амин! Честит Велигден! Христос воскресе“, рече г.г. Стефан, архиепископот охридски и македонски во своето велигденско послание.

Утре е неработен ден за сите граѓани во земјава.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ