недела, 13 април 2025

Венко Филипче е старо-новиот претседател на СДСМ

Венко Филипче и официјално е избран за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) на денешните директни внатрепартиски избори, на кои тој беше единствениот кандидат.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Централната изборна комисија Бранко Георгиевски рече дека од 23.712 запишани избирачи, вкупно гласале 18.140 односно 76,5 проценти од активно регистрираните членови.

„За Филипче гласале 18.001 избирачи, додека неважечки ливчиња имало 139“, изјави Георгиевски.

По изборот, Филипче на прес конференција им се заблагодари на сите што гласаа и порача дека првата борба на СДСМ се локалните избори.

„Добив доверба од двојно повеќе членови од првиот пат – тоа не го гледам како лична заслуга, туку како сигнал дека членовите веруваат во насоката во која се движи СДСМ. Првата борба се локалните избори. Почнуваме со анкети помеѓу членството, но и граѓаните. Ќе ги избереме луѓето кои најдобро ќе нѐ претстават, луѓето кои ќе имаат кредибилитет да излезат во своите средини, пред своите пријатели и познаници, луѓе на кои ќе може да се верува дека ќе ги исполнат програмите. Ќе се бориме во многу општини со политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. За жал, нивните градоначалници не ги водат општините како што треба, нема проекти за доброто на граѓаните. Тоа го гледаме преку Градот Скопје, видете на што ни личи метрополата. Нема редовен превоз, нема чисти улици, нема проекти“, рече Филипче.

Посочи дека втората тешка борба е борбата со, како што рече, најнеспособната Влада.

„Понеспособна Влада државава немала никогаш до сега. Затоа имаме обврска кон граѓаните да покажеме дека сме спремни, дека умееме и знаеме да се бориме за доброто на државата, дека ќе ја вратиме на европскиот пат. Нема ни една област и свера во која добро се случува“, рече Филипче.

Тој и порача на Владата дека СДСМ е силна, спремна и консолидирана и дека се враќаат на победничите патеки.

Пратеникот и поранешeн министер за здравство во владата на Зоран Заев, неврохирургот Венко Филипче првпат беше избран за лидер на СДСМ на партиските избори во јуни 2024 година, кои се одржаа откако Димитар Ковачевски даде оставка. Конкуренти тогаш му беа Јован Деспотовски и Александар Бајдевски, додека Славјанка Петровска се повлече од трката ден пред изборите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ