„Од мартовската плата требаше да започне корекција на примањата во согласност со потпишаниот колективен договор. Наместо тоа, културните работници беа игнорирани и дискредитирани со манипулативни изјави од самото министерство – дека не работеле доволно, дека не ја заслужуваат платата, дека платите биле ‘високи’.
Ваквиот однос покажува целосна незаинтересираност на Владата за оние што ја носат културата на грбот.
СДСМ прашува, зошто не се почитува колективниот договор? Зошто културните работници се навредуваат од страна на институцијата што треба да ги штити? Ако Љутков ако не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка.
Културните работници не се статисти во општеството. Тие создаваат вредности, чуваат традиција, ја градат колективната свест. И заслужуваат третман со достоинство, а не молк, навреди и игнорирање“, порачуваат од СДСМ.
Многу брзо возвратија од ВМРО-ДПМНЕ, во чие партиско соопштение се вели “СДС да не глуми загриженост за културата“, зашто самите ја претвориле културата во партиска каса и платформа за криминал.
„СДС денес, кога се прославува Велигден, дрско повторно се обидува да го дефокусира вниманието од катастрофалното наследство што ѝ го остави на Македонија во културата.
Јавноста добро памети кој ја газеше културата, кој ја претвори во мрежа на партиски вработувања и кој го користеше Министерството за култура како алатка за наградување на блиски личности и фаворизирани ‘уметници’ “, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Понатаму во соопштението потсетуваат на случаи од времето кога власта ја предводеше СДСМ, кои ја деградирале културата.
„Во времето на СДС, од културата се делеа грантови без јасни критериуми, а дел од тие средства завршуваа кај лица блиски до партијата – дури и за проекти што никогаш не се реализираа.
Последната министерка за култура во времето на Заев, заедно со други функционери, беше под лупа поради финансиски злоупотреби и вработувања на сопартијци и роднини.
Фестивалите и културните институции добиваа средства според партиска подобност, а не според квалитет, традиција и значење“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во исто време, нагласуваат од актуелната партија на власт, министрите и функционерите на СДС биле единица мерка за разузданост.
„Службени автомобили и патувања се користеа за приватни цели.
Хонорари и договори ‘во четири очи’ се делеа меѓу себе, како да се дел од нечија приватна фирма, а не државна институција.
Функционери фатени со раката во медот беа унапредувани или преместувани, наместо да бидат санкционирани.
Си купуваа маички XXL и плаќаа авиокарти за егзотични дестинации од разбеснетост – кои потоа ниту ги користеа“, наброуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според ВМРО-ДПМНЕ, извинувањето на именувано лице (министерот за култура и туризам, Зоран Љутков) е коректен гест што јасно покажува разлика во пристапот.
„За разлика од времето на СДС, кога грубите навреди и дисквалификации врз уметници и институции беа секојдневие, денес имаме отчетност, одговорност и сериозен однос.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на вистинските вредности во културата – без привилегирани, без партиски кланови, туку со поддршка за сите што навистина творат, вложуваат и придонесуваат.
СДС нема никаков кредибилитет да говори за достоинството на културните работници – тие беа тие што најмногу ги понижија“, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.