„Да се радуваме, зашто Христос победи! Победи за нас, за нашите деца, за нашите таги и радости. Нека оваа Пасха биде небесен благослов за вашето прекрасно семејство, со мир, со љубов, со здравје и со духовно воскресение. Со срдечна пасхална прегратка во Христа Воскреснатиот“, вели меѓу другото владиката Партениј.
Со најголема љубов и со неискажлива радост во срцата, додава Партениј, ве поздравуваме со поздравот на победата и на животот: Христос воскресна-навистина воскресна.
Православните семејства во Дебар, селата Рајчица и Горенци, како и долнореканските села Велебрдо, Битуше, Ростуше и Јанче се подготвуваат за големиот христијански празник.
„На нашиот владика Партениј од сè срце му благодариме за оваа чест, како и за сите заложби што ги прави заедно со бигорското братство и сестринството во Рајчица, за православието во овој крај. Бог да ги благослови и чува“, вели за МИА, Десанка Секуловска.
За достојно одбележување на Христовото воскресение подготвен е и Бигорскиот манастир кој по традиција го посетуваат голем број верници.