Оваа традиционална манифестација на едно место собра различни генерации кривопаланчани, но и бројни верници кои ја посетија блиската црква Свети Никола на првиот ден од големиот христијански празник Велигден, уживајќи во свечената и празнична атмосфера што ја приредија организаторите – Општина Крива Паланка и Градски музеј Крива Паланка.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски истакна дека на овој убав и најголем христијански празник е таму каде што срцето му е дома, во село Градец, неговото родно село, каде што пораснал и каде денеска живее со гордост и љубов.
„Да се биде меѓу свои луѓе, во срцето на традицијата, е чувство што не се опишува, само се доживува. Прекрасно беше да се види дворот на старото училиште исполнет со смеа, музика, во боите на велигденските јајца и духот на заедништво кој го носи овој голем празник. Селото Градец уште еднаш покажа дека знае како да ја негува традицијата и да ја претвори во празнично доживување за сите“, рече Митовски посакувајќи им на сограѓаните мир, љубов и благослов во домовите.
Манифестацијата „Велигденска традиција“ првпат се одржа дворот на старото училиште во село Градец, што прераснува во културно историски локалитет кој неодамна беше уреден преку проектот „Земја на легендите” што Општина Крива Паланка го реализираше во партнерство со Лесковац, Србија во рамки на ИПА-програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Србија.
Партерното уредување на дворот на површина од околу 11.000 метри квадратни опфати поставување урбана опрема, клупи и чешми, тремови и настрешници, сцена за културни настани, пристапи за лица со попречености и хорикултурно уредување, за што инвестирани се 3.600.000 денари.
Со денешната празнична атмосфера официјално се промовираше новиот амбиент, каде се реализираа бројни забавни активности за сите генерации – барање на скриени јајца, натпревар во носење јајце во лажица, кршење јајца и избор на најцврсто велигденско јајце.
Во рамки на културно – уметничката програма настапија играорците од КУЗ Карпош и „Импресија бенд”.
Од оваа локација беше најавен и новиот проект „Културна област” од ИПА-програмата на Европската Унија за прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија, што во истиот комплекс ќе опфати инвестиции од околу 200.000 евра, а ќе го реализира ЛУ Градски музеј Крива Паланка во партнерство со музеите на Ќустендил и Дупница, како и Музеј на град Кратово.