петок, 3 април 2026

Велигденска порака на бискупот Стојанов – како христијани можеме да бидеме светлина за луѓето на патот кон бога (ВИДЕО)

Како и во претходните години, така и оваа година, за жал, додека се подготвуваме да го прославиме празникот Воскресение Христово, слушаме вести што ни доаѓаат од еден немирен свет. Светиот отец Лав XIV зборува за овие конфликти како за „рана“ нанесена на целото човечко семејство, која остава лузни врз луѓето со генерации. На Блискиот Исток крвта од минатите конфликти сè уште не се исушила на земјата на која беше пролеана, а конфликтот повторно се разгоре ширејќи се во соседните земји, со епизоди на насилство и уништување, кои шират омраза и страв, што предизвикува загриженост. А христијаните во овие земји како „мало стадо“ се обединети во човечко братство со сите луѓе од воено конфликтните подрачја, кои заедно доживуваат тешки искушенија во постојана опасност и неизвесност за своите животи, се наведува меѓу другото во велигденска порака на скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов

Објавено на

часот

Сподели

„Драги браќа и сестри, и ние сме мал народ во големото човечко семејство, па на меѓународно ниво нашето мислење тешко ќе може да се пробие во ‘игрите’ резервирани само за големите и силните, а како католичка заедница во нашата татковина претставуваме малобројност, па затоа нема да биде лесно нашата заложба за градење мир да продре, но сепак имаме голема сила што може да направи големи работи. Оваа сила е и наше богатство, а тоа е Исус Христос, кој, и покрај нашите несовршености, живее меѓу нас. Тој ни овозможува да бидеме сведоци на надежта и спасението и носители на светлината и правдата во времето во кое живееме“, вели бискупот Стојанов во велигденската честитка.

Тој додава дека луѓето се семе посеано на огромно поле, семе што раѓа изобилен плод.

„Ние сме семе на сочувство и љубов, а преку нас Бог е присутен на овој свет. Следејќи го примерот на својот учител и господ, христијаните ја добиле власта да бидат знак за светот во негово име и повикани се да им понудат помирување на сите луѓе упатувајќи ја својата молитва на благодарност кон бога во името на сите. Како христијани, ние можеме да бидеме светлина за луѓето на нивниот пат кон бога. Нека воскреснатиот господ навистина нè води и нè обликува според неговата волја за да бидеме вистински сведоци на оној што умре и воскресна за нас! На сите вас ви посакувам честит празник Воскресение Христово – Велигден – Христос воскресе!“, порача бискупот Стојанов во честитката по повод најголемиот христијански празник Велигден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ