Од Општина Велес потенцираат дека за дел од нив постои сомнеж дека зад овие немили настани стои добро организирана група на луѓе која на нелегален начин се обидува да се стекне со парични средства и на тој начин да го оштети буџетот на општината. За надминување и искоренување на ваквата појава од Општина Велес велат дека е неопходна системска и институционална соработка.
Оттаму соопштија дека по основ на каснување од куче, за 2023 исплатиле 1.088.388 денари, од кои 624.806 денари на физички лица и 463.582 денари на правни лица, адвокати.
Градоначалникот Марко Колев информира дека тоа се должи на промената на постапката, бидејќи од лани е вклучена осигурителна компанија. За период од четири и пол години, 2020-2023, Општина Велес исплатила отштети во висина од 257.215 евра за каснување од кучиња.
Од Општина Велес преку својата веб страница соопштуваат дека имаат сознанија дека организираната група се состои од доктори, медицински персонал, вештаци, претставници на Министерството за внатрешни работи, адвокати кои се вклучени во постапката за лесна заработувачка преку исценирани каснувања од кучиња скитници.
„Бројни примери потврдуваат дека дел од граѓаните ја злупотребуваат состојбата со цел да се стекнат со финансиски средства, за жал на мошне бизарен начин. Нивната бесмисленост оди дотаму што пријавуваат напад од улично куче и кога ќе ги касне нивното домашно милениче. Граѓани со гребаница пријавуваат напад од куче без да постои доказ од што е настаната гребаницата и започнуваат постапка за обештетување. При самиот преглед на раната, на овие граѓани им се укажувало како да се произнесат во извештајот, кој адвокат да ги застапува и кое вешто лице да изврши вешт наод“, велат од општина Велес.
Појаснуваат дека во консултации со медицински експерти и правни експерти од медицинска област е укажано дека зачудува дел од содржината на доказите кои „оштетените“ граѓани ја употребуваат за да бараат штета.
„Така, во медицинските извештаи во делот анамнеза зачудува како може медицинските лица да констатираат дека се работи за рана или повреда од улично куче, па мислењето е дека без прецизно да биде утврдено тоа, медицинските лица во делот анамнеза можат само да наведат дека по кажување на граѓанин истиот е каснат или не од улично куче, а не дека тоа е утврдено од нивна страна“, наведуваат од општината.
Од Општина Велес бараат секоја пријава за напад и каснување од куче скитник да се испита од страна на стручни лица, да се изврши фотографирање на раната од страна на специјализирани служби на МВР, СВР Велес и да се даде детален опис на истата. Да се бара податок за приближно точно време на каснувањето и точна локација на настанот за да може да се изврши проверка преку видео снимки од околните објекти или од лица што се затекнале на местото на настанот.
Најавуваат дека ќе ги употребат сите правни механизми да ја испитаат негативната појава која се повторува и зголемува од година во година и доколку се утврди дека е вистина, општината ќе ги преземе сите законски мерки против учесниците во организираната група.






