Се работи за интернет продажба преку разни „специјализирани“ сајтови на лажни сувенири, главно поврзани со ликот и делото на Доналд Трамп. Беверли од САД на истражувачите на СННВ им ја раскажа приказната:
„Јас и мојот сопруг првпат се запознавме со производите на TРБ (банкарски систем за попуст на Трамп) преку апликацијата Tелеграм во средината на 2023 година. Сè изгледаше ветувачки во видеата што ги видов, и решив да инвестирам околу 10.000 долари во некои монети на Трамп, кои, според нивните информации, требаше да вредат околу 100.000 долари по парче по изборите во 2024 година. Почекав неколку недели и моите монети пристигнаа. Потоа стапив во контакт со агент на Телеграм кој тврдеше дека работи за Организацијата Трамп. Тој ми рече дека не можам монетите да ги претворам во пари бидејќи не се поврзани со мојата картичка Трамп. За да добијам таква картичка треба да платам уште 7.000 долари за две картички за да го завршам процесот и да ги добијам парите. Ги префрлив и тие 7.000 долари преку банкарски трансфер. Додека чекав да пристигнат картичките на Трамп, што никогаш не се случи, се обидов да контактирам со агентот, но тој ме блокираше. Потоа контактирав со друг агент кој ми даде слична приказна – дека мојата исплата сè уште чека во нивниот систем и дека треба да платам уште 5.000 долари за сертификат издаден и овластен од Организацијата Трамп. И ова го платив и чекав уште 20 дена, и пак ништо не стигна. На мојата банкарска сметка не се појавија пари. Кога повторно се обидов да го повикам агентот, и тој ме блокираше. Оттогаш, секој агент што го контактирав постојано бараше повеќе пари, тврдејќи дека им се потребни за да ги подигнат моите пари. Вкупно потрошив околу 22.000 долари надевајќи се дека ќе заработам нешто. Сега ми бараат да платам уште 5.000 долари за некои Либерти картички“.
„Претприемачите“ од Велес заработиле милиони преку измами со продажба на лажни сувенири со ликот или потписот на Доналд Трамп, пишува Српската национална новинска мрежа (SNNW). За да ги обработат сите овие трансакции, тие употребувале две платформи: Digistore24 и ClickBank.
И друга истрага на СННВ покажала дека слични операции биле изведувани од Велес, градот кој стана светски популарен за време на изборите во САД во 2016 година, кога група тинејџери објавуваа лажни вести за Хилари Клинтон, Барак Обама и Доналд Трамп.
Кон крајот на 2023 година, македонските измамници почнаа да работат со друга платформа која имаше многу малку регулативи во врска со производите што се продаваа. Платформата, наречена Copecart, имаше седиште во Германија. Copecart дозволуваше продажба на производи како што се сертификати, билети, монети, значки, налепници и картички со чипови, со цена до 10.000 долари – сите со потписи и слики од Доналд Трамп за да изгледаат автентични.
Годинава има објави и со познатите личности блиски на Трамп, како што се Елон Маск, Такер Карлсон, Доналд Трамп Џуниор, Џеф Безос и многу други.