Под контрола се четири пожари, а 16 се изгаснати.
ЦУК соопшти дека се активни пожарите во Општина Чучер Сандево помеѓу с.Блаце и с.Горњани, м.в.Рамна шума каде гори шумски пожар, во Општина Прилеп кај с.Бешиште, м.в.Бешишки Рид приземен во мешана шума, во Општина Македонски Брод помеѓу с.Црешнево и с.Локвица каде гори деградирана дабова шума и грмушки, во Општина Дојран кај с.Николич каде гори нискостеблеста шума, во Општина Василево: с.Владевци и гори нискостеблеста шума, во Општина Чашка под Солунска глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина дупка, каде нема активен пламен, само чад во карпест дел и гори шумски пожар, во Општина Крива Паланка кај с.Лозаново, во Општина Тетово на патен правец Тетово – с.Селце и гори дива депонија и во Општина Делчево кај м.в.Брежје каде гори нискостеблеста вегетација, смреки и грмушки.
Под контрола се ставени четири пожари во Општина Македонски Брод, еден кај с.Рамне – с.Ковче каде гореше ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков, во Општина Македонски Брод кај с.Слатина гореше мешана шума во Општина Македонски Брод кај с.Слатина и гореше нискостеблеста мешана шума и во Општина Делчево кај градската депонија Острец каде гореше депонијата.
Изгаснати се 16 пожари, и тоа во Општина Шуто Оризари кај с.Визбегово каде гореше депонија, во Општина Ѓорче Петров кај с.Орман и гореше ниска вегетација и дрво, во Општина Гази Баба кај Смилковското Езеро гореше ниска вегетација, во Општина Аеродром на ул. „3-та Македонска Бригада“ гореше сува трева, во Општина Кисела Вода на ул. „Малешевска“ во нас.Драчево гореше сува трева, во Општина Струмица кај с.Куклиш гореа стрниште и сува трева, во Општина Велес кај градската депонија во Велес каде гореше ѓубре, во Општина Кавадарци на ул.„Диме Туриманџов“ гореше ѓубре, во Општина Делчево кај м.в.Брежјето гореа грмушки и сува трева, во Општина Куманово кај нас.Средорек гореа ѓубре и сува трева, во Општина Крива Паланка кај с.Градец гореа шума и сува трева), во Општина Крива Паланка кај с.Конопница гореше борова шума, во Општина Желино кај с.Ларце – с.Горна Лешница гореше мешана шума, во Општина Тетово кај с.Џепчиште гореше сува трева, во Општина Гостивар гореше сува трева и во Општина Кочани кај селата Јастебник и Полаки, м.в.Бабиште каде гореше шума и сува трева.
Освен тоа, Центарот за управување со кризи (ЦУК) преку својот Фејсбук профил информира дека денеска во текот на попладневните часови, дел од граѓаните добиле СМС порака со содржината: „Ве известуваме дека има прогласена кризна состојба во врска со пожарите и ве информираме дека на сила е забрана за движење во шумите“.
Посочуваат дека ова е тест порака со цел да се проверат можностите за праќање вакви масовни пораки, кои во иднина треба да бидат дел од системот наречен „cell broadcasting“ или масовно праќање пораки во случај на кризна ситуација за известување и тревожење.
Од Центарот соопштуваат дека оваа тест-порака има за цел да ги испита техничките можности за воспоставување на системот за масовно известување на населението во случаи на кризни состојби.
„Овој систем, познат како cell broadcasting, овозможува испраќање на итни пораки до сите корисници на мобилни телефони кои се наоѓаат во определена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Неговата цел е навремено и ефикасно информирање и тревожење на населението во случаи на пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други кризни ситуации. ЦУК е обврзан да го воведе овој систем, а веќе се започнати активности за изработка на физибилити студија која ќе ја процени техничката, финансиската и организациската изводливост за негова имплементација“, велат од ЦУК.
Оттаму посочуваат дека воведувањето на вакви системи не е само национална потреба, туку и обврска согласно законодавството на Европската Унија, која ги задолжува сите земји-членки да располагаат со ваков механизам за масовно тревожење и информирање на граѓаните во случај на кризни состојби.