петок, 5 декември 2025

Василевска и Реслер ја отворија првата сесија на МПК ЕУ – Македонија

Копретседавачите на Мешовитиот парламентарен комитет (МПК) Европска Унија – Македонија, пратеничката Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер, со своите воведни излагања на првата работна сесија, го отворија 24-от состанок на МПК, што денеска и утре се одржува во Европскиот парламент во Стразбур, Франција.

Објавено на

часот

Сподели

Василевска, која е и копретседавачка со МПК, во своето воведно обраќање истакна дека како држава целосно сме посветени на спроведувањето на Реформската агенда и на Планот за раст на Европската Унија. Во таа насока, додаде таа, најновиот Извештај за проширување на Европската комисија дава позитивен осврт на нашата ангажираност и на конкретните резултати постигнати во рамките на Планот за раст на Западен Балкан, соопшти собраниската прес-служба.

„Благодарение на позитивните оценки, ние бевме првата земја од Западен Балкан што доби претфинансирање во рамките на Програмата за реформи и раст на ЕУ, во износ од 52,4 милиони евра оваа пролет, а до ноември 2025 година, исто така обезбедивме две дополнителни исплати базирани на перформансите. Започнавме со работа на сите четири столба на Планот – поблизок пристап до единствениот пазар на ЕУ, посилна регионална интеграција, клучни реформи и зголемена финансиска поддршка. Истовремено, усвоивме Агенда за реформи, фокусирана на подобрување на управувањето и јавната администрација, унапредување на зелените и дигиталните транзиции, зајакнување на човечкиот капитал, подобрување на деловното опкружување и почитување на основните права и владеењето на правото“, оцени Василевска.

Таа нагласи дека Собранието во изминатиот период усвои клучни реформски закони, вклучувајќи го Законот за систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, законите за административни службеници и за вработени во јавниот сектор, со кои се подобрува начинот на избор на државни службеници и управувањето со човечки ресурси.

Копретседавачот Реслер, како што се посочува во соопштението, во своето воведно обраќање ja поздрави заложбата и посветеноста на Македонија на евроинтеграцискиот процес и позитивно ја оцени меѓуетничката стабилност во земјата, добрососедските односи и ја нагласи потребата за континуиран реформски процес.

Реслер потенцира дека е важно во политичкиот спектар на државата да има инклузивен пристап за клучните политички прашања кои што се од стратешко значење.

Во рамки на општата дискусија на европратениците, доминираше ставот дека Европската Унија треба да најде начин и конечно да ги започне преговорите со Македонија, бидејќи, како што рекоа, мора и Европската Унија да испорача, не само тоа да се бара од Македонија.

Иванка Василевска и заменик-копретседавачката Соња Мираковска, остварија средба со известителот за Македонија во Европскиот парламент, Австриецот Томас Вајц, кој по функција учествува во работата на ова заедничко парламентарно тело.

Како што се наведува во соопштението од собраниската прес-служба, на средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во државата, напредокот на реформската агенда, Извештајот на Европската комисија, како и за очекувањата од претстојниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет.

Василевска изразила благодарност за сите вложени напори од страна на Европскиот парламент и посебно од известителот Вајц за придвижувањето на процесот на приближување кон Европската Унија и потенцираше дека сите релеванти политички фактори во земјата се целосно посветени на оваа цел.

Известителот Томас Вајц, како што се наведува, ја искористил оваа пригода да ја изрази силната и недвосмислена поддршка од страна на Европскиот парламент за евроинтеграцијата на Македонија заснована на постигнати резултати и заедничка соработка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ