четврток, 15 мај 2025

Васил Јованов призна дека ја прегазил Фросина Кулакова

Васил Јованов, кој на крајот на јануари, годинава ја прегази со автомобил Фросина Кулакова, на почетокот на денешното судење ја призна вината. Јованов е осомничен за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која животот го загуби Фросина Кулакова.

Објавено на

часот

Сподели

Обвинетиот Васил Јованов, кој е редовен студент и беше спроведен од затворски притвор, пред судот рече дека го разбира делото за кое е обвинет и призна вина.

„Најпрво сакам да изразам најдлабоко сочувство на целото семејство и да се извинам за тоа што сум го сторил. Никогаш не сум можел ниту да помислам за вакво нешто. За вината, да – судија, виновен сум“, рече Јованов.

Во судница, присутни беа родителите и сестрата на трагично починатата Фросина, како и родителите на обвинетиот Васил.

Јавниот обвинител Александар Марковски, во воведниот говор рече дека во овој случај не станува збор за обична сообраќајка, не поради медиумската помпа, туку поради фактот на начинот на кој е сторена, во смисла на големиот број направени сообраќајни пропусти на сторителот и трагично загубениот живот на младата Фросина.

„Овие околности доведоа обвинението да се сублимира во најтешкиот облик. За да се докаже, прибавени се четири вештачења, меѓу кои и особено податливо сообраќајно техничко, осум сведоци и други материјални докази, меѓу кои и известувања за други сообраќајни прекршоци“, изјави Марковски.

Обвинителот, исто така, укажа на новонастаната ситуација по поднесување на обвинението, посочувајќи дека обвинетиот бил правосилно осуден, за што достави примерок од потврда од судот од 7 мај 2025 година.

„Обвинителството ќе се обиде да докаже дека обвинетиот нецела минута пред настанот сторил и други прекршоци како цик-цак возење, преминување преку две ленти, но истите не се релевантни од кривично правна смисла за настаната штета, но се релевантни со цел за докажување на умислата, рече обвинителот.

Обвинителот, најави дека потребно е прецизирање на втората страна од обвинението, во една одредба, наместо член 317, став 1, да стои член 225, став 1 од Закон за безбедност на сообраќајот, нагласувајќи дека ова е неопходно зошто духот на законот налага да се прави дистинкција кога има возачка ама не ја поседува, од ситуација кога воопшто нема возачка за Б категорија.

Адвокатот на оштетените Дарко Ал Блана, преднајави имотно правно оштетување и дека се приклучуваат во кривичното гонење.

Мајката на Фросина, Камелија Кулакова, рече дека не е само мајка што го изгубила своето дете, туку човек со откорната душа.

„Денеска сум гласот на Фросина, бидејќи таа не може да зборува. Кажете ми кој збор од законот може да го опише ова и да ја опише болката што ја имам. Ова не е судење за сообраќајка, ова е судење за грабежна живот и иднина. Барам највисока казна не за одмазда, туку за правда“, рече таа.

Бранителот на Васил Јованов, адвокат Сашко Дуковски, пред судот побара да се оттргне, како што рече, една голема невистини за сега обвинетиот Васил, дека е наркоман, нагласувајќи дека тој е спортист.

„Васил е спортист и за тоа доставувам потврда за членство во бокс клуб, освоени медали и благодарници. Доставувам и потврда од ракометната федерација дека Васил е лиценциран играч за РК Пролет 62 за сезона 2021-22 година“, изјави Дуковски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ