недела, 14 декември 2025

Вандали искршиле спортски реквизити во Паркот на франкофонијата

Општина Центар соопшти дека во текот на ноќта биле уништени реквизити во новата и се уште недовршена теретана во Паркот на франкофонијата, а штета е направена и на фудбалското игралиште во овој парк. Случајот бил пријавен во Министерството за внатрешни работи.

Објавено на

часот

Сподели

„Вандализирана е новата теретана и фудбалското игралиште во Паркот на франкофонија. Катчето за рекреација, направено на барање на жителите во рамки на маалските средби, со новата современа теретана во Паркот на франкофонија, утрово беше затекнато уништено. Уште недовршена, теретаната веќе е вандализирана. Некој преку ноќ се обидел да ги запали реквизитите, а вреќата за бокс ја исекле со нож и целосно ја уништиле. Случајот е пријавен во МВР“, информира Општината.

 

Градоначалникот Горан Герасимовски во врска со настанаот изјавува дека ова не е прв случај на уништување.

„Наместо простор за рекреација, некој избрал деструкција. Покрај тоа, искршено е и фудбалското игралиште во овој парк. Ова, за жал, не е прв ваков случај на вандализам во нашата општина. Апелирам до сите граѓани да го чуваат јавниот простор и заедничките содржини создадени за спорт, рекреација и дружење“, порача Герасимовски.

Општината посочува дека новата теретана се состои од 17 справи, а овие денови требало да се постави и специјална тревна подлога за поголема безбедност при користење.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ