Бугарските европарламентарци повторно ја користат својата позиција и на маса ги враќаат прашањата како заедничките славења, историјата, јазикот, досиејата на службите, говорот на омраза, учебниците… како услов за продолжување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. Тие со овие амандмани повторно го проблематизираат статусот на Македонија и ја шират листата на барања.
Затоа известувачот Вајц самиот побара од правната служба на Европскиот совет разјанување на „сите двосмислености околу правниот статус во процесот на пристапување кон ЕУ на вториот билатерален Протокол кон Договорот за добрососедство и пријателство“ меѓу Бугарија и Македонија. Вајц практично бара Европскиот совет да каже дали со заклучоците од 2022 година каде што се споменува Протоколот, но не како задолжителен услов, може да биде нов услов за евроинтеграциите на Македонија.
„Процесот на пристапување кон ЕУ зависи од исполнување на условите наведени во Преговарачката рамки на ЕУ, негување на добрососедски односи и почитување на билатералните и меѓународните договори, во согласност со Копенхагенските критериуми и сопствените заслуги на земјата, вклучително и целосното спроведување во добра намера на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и неговите протоколи и Преспанскиот Договор со Грција“, пишува во амандаманот на бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев.
Во еден од стоте амандмани на бугарските европратеници се бара одржување на трета меѓувладина конференција меѓу Скопје и Софија за спроведување на Договорот за добрососедство и Протколот, се бара Историската комисија да постигне јасни и мерливи резултати, а за Акцискиот план за малцинствата велат дека не гарантира доволно ефикасна заштита од дискриминација и насилство, не обезбедува функционални механизми за борба против говорот на омраза, не се справува соодветно со наводните систематски прекршувања на правата и нема ефективни законски мерки. Во своите амандмани бараат дури и почитување на јазичните права на малцинствата во Македонија, не споменувајќи дека тоа се однесува на бугарското малцинство, но не го споменуваат прашањето на македонскиот јазик.
Вајц го отвора и прашањето за македонскиот јазик и идентитет со амандман во кој стои дека „го признава постоењето на различни толкувања во врска со потеклото на македонскиот јазик и идентитет“, но нагласува дека „неговиот извештај нема за цел да прејудицира или да го ограничи научниот дискурс за овие прашања, ниту пак таквите толкувања имаат влијание врз оценката на Парламентот за напредокот на Северна Македонија во пристапувањето во ЕУ, кое останува засновано на
критериумите од Копенхаген и принципите на добрососедски односи, а во согласност со критериумите договорени во Заклучоците на Советот од јули 2022 година“.
Вајц бара Европскиот совет и Европската комисија поактивно да се ангажираат за деблокада на преговорите со Македонија, а отворањето и затворањето на преговарачките поглавја да се решава со квалификувано мнозинство, место како сега – за секоја етапа да се гласа со консензус.
Бугарските европратеници го проблематизираат барањето за автоматско продолжување на преговорите ако пројдат промените на Уставот. Ивајло Валчев бара во извештајот да влезе дека Македонија не ги исполнува преземените меѓународни обврски, а тука го споменува и Преспанскиот договор.
Во амандманите на Валчев, Ковачев и Стојанов јасно се отфрла можноста за некаква друга форма на членство за Македонија во ЕУ, некакво политичко, економско или безбедносно партнерство.






