Целта на сите трки е на Плоштад Македонија. Стартот на маратонската, полумаратонската и штефатната трка e во 8:05 часот пред Собранието на Македонија. Трката на 5 км Комерцијална банка ќе стартува во 8 часот во близина на Црвениот крст и ќе се движат во насока на Аеродром. Сепак, организаторите апелираат тркачите да дојдат барем 20 минути порано. При влез во старт зоната, се апелира секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или таргет време што го има одбрано при процесот на регистрација, сѐ со цел да не се создаваат турканици.
Трасата на Комерцијална банка 5K трката почнува во близина на Црвениот крст, право по улицата „11-ти Октомври“, лево по булеварот „Крушевска Република“, десно по булевар „3-та Македонска Бригада“, полукружно на крстосница помеѓу „3-та Македонска Бригада“ и улицата „Васко Карангелевски“ и по истата траса назад до целта – Плоштад Македонија.
Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по улицата „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на булеварот „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до раскрсницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со бул. „Јане Сандански“. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со Бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, со тоа што полумаратонците финишираат на Плоштад Македонија, а маратонците трчаат уште еден круг.
За време на одржувањето на маратонот сообраќајот ќе биде пренасочуван по околните улици, при што МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници долж трасите на движење и навремено да го планираат своето движење.






