Повод за интервјуто е извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) на тема ”Зелена транзиција преку промовирање на обновливи извори на енергија “, каде се констатира дека термоелектраните како најголеми производители на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои до 2030 година треба да се затворат, сè уште немаат соодветна замена. бидејќи ЕСМ во изминатите седум години не изградило нови производствени капацитети. Дополнително, производната цена на струјата на ЕСМ е повисока од продажната на универзалниот снабдувач, што резултира со работење со загуба и ја доведува во прашање реформата и зелената транзиција… Според ДЗР, со извршената ревизија утврдено е дека се спроведуваат реформи за декарбонизација, реформи на пазарот на електрична енергија кои се стратешки планирани, со заедничка декларација формирана е инвестициска платформа за праведна енергетска транзиција, воспоставена е институционална рамка, активности кои не се доволни доколку не се обезбедат услови за имплементација од страна на енергетските компании.
Имено според податоците во извештајот на Државниот завод за ревизија, ЕСМ подолг период нема изградено големи енергетски капацитети и се соочува со неповолна финансиска состојба. Изградена е ФЕЦ Осломеј 3 од 100MW преку ЈПП, ФЕЦ Осломеј 1 од 10MW која до денот на ревизијата не беше оперативна...
„Еве да ги земеме и 2022 и 2023 година кои патем се наведени во извештајот на ревизорите. Наспроти целата пазарна логика, ваш производ, продавате по речиси двојно пониска цена. Со таков негативен тренд на растење на производната цена во однос на продажната, вие како фирма не може да очекувате раст и развој, а за средства за капитални инвестиции не станува ни збор, особено кога е загрозена дневната ликвидност и се доведува во прашање нормалното функционирање на компанијата. Да не го заборавиме и фактот што ЕСМ на годишно ниво мора да инвестира милиони евра во техничко – технолошко одржување на постојните производни капацитети и сопствената енергетска инфраструктура. Но, она што е индикативно, а јасно е наведено во извештајот е како компанијата се довела во ситуација двојно да порасне цената на произведениот мегаватчас, а да ја продава на Универзалниот снабдувач по речиси двапати пониска цена? За нецели три години цената од 57 евра за мегаватчас во 2020 година, пораснала на 117 евра за мегаватчас, односно цената која ја затекна актуелниот раководен тим на компанијата. И тука зборувам за цената на ЕСМ, додека бројките во однос на нашиот најголем производител РЕК Битола се уште пофрапантни. Ревизорските наоди констатираат дека за време на енергетската криза, во периодот од 2021 до 2023 година, тогашната влада вбризгала во ЕСМ 355 милиони евра, но таа државна поддршка не е поврзана со резултати и индикатори на успешност. Благодарение на тие средства, во ЕСМ си ги прокнижувале како приход и прикажувале позитивни финансиски резултати.
Наша стратегија и примарна цел покрај зголемување на сопственото производство е да ги намалиме трошоците кои ја формираат цената на електричната енергија. Константно вложуваме напори да ги намалиме трошоците за производство на електрична енергија со цел да обезбедиме што поголем профит за компанијата. АД ЕСМ му понуди на ЕВН ХОМЕ, 62 евра за мегават-час електрична енергија за втората половина од годинава. Пресметките околу утврдување на цената што ја понудивме, 62 евра за мегават-час, се резултат на зголемениот ангажман на вработените, кои со натчовечки напори и деноноќно ангажирање обезбедуваат електрична енергија, но и на препораките на Владата како доминантен сопственик. Но, ние како АД ЕСМ имаме обврска да ја покриеме таа разлика од цената за продаден мегават-час кон Универзалниот снабдувач и просечната цена. Тоа можеме да го постигнеме само со зголемување на производството со цел да обезбедиме дополнителни вишоци коишто би ги продавале на отворен пазар и на тој начин ќе носиме дополнителни приходи. За да го направиме тоа, мораме да инвестираме во нови производствени капацитети. Просто е неверојатно дека во изминатите седум години, односно во периодот од 2017 година до 2024 година не е инвестиран ниту денар во нов производствен капацитет“, одговара Узунчев на прашање во интервјуто за производната цена на електричната енергија од ЕСМ.
Узунчев истакнува дека иако целта за декарбонизација до 2030 била усвоена пред повеќе години, претходната влада не презела суштински чекори за подготовка на енергетскиот сектор. Декларативно биле прифатени обврските за зелена транзиција, која во својата суштина подразбира декарбонизација, ослободување од производството на електрична енергија од фосилни горива и воведување нови обновливи извори на енергија, но за седум години не бил изграден ниту еден нов производен капацитет. Прифатените обврски подразбираат и затворање на РЕК Битола и РЕК Осломеј до 2030 година, а притоа не бил подготвен терен за замена на тие носечки капацитети со нови, од еколошки прифатливи извори.
„Тој недостаток на дејствување сериозно ја поткопа способноста на земјата да обезбеди енергетска сигурност, стабилност на пазарот и долгорочен просперитет. Покрај тоа што треба да нè освести целосно, во исто време е неопходен потсетник колку далеку заостанувавме – во планирањето на декарбонизацијата, енергетската безбедност и подготвеноста за инвестиции. Реалноста е дека оваа Влада и носителите засегнати со енергетската транзиција меѓу кои е и АД ЕСМ, повеќе не се во фаза на давање декларативни изјави– туку имаат преземено конкретни чекори во фаза на имплементација“, вели Узунчев.
На прашањето „што конкретно се смени во изминатата година“, генералниот директор на ЕСМ, кратко вели „многу работи“, за потоа да ги наведе сите започнати проекти.
„Првпат земјава воспостави посебно Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Самото тоа е силен институционален сигнал. Но уште поважно е движењето што следуваше потоа. Министерството, заедно со нас и другите државни енергетски компании, презема конкретни чекори за стабилизирање на работата, диверзификација на снабдувањето и проширување на капацитетите за обновлива и гасна енергија. Приоритет се дава на клучни инфраструктурни проекти – како проширување на ветерните и соларните капацитети, 400kV интерконекција со Албанија и подготовка на големи хидроенергетски капацитети како Чебрен и Галиште и Вардарска долина – за да се обезбеди долгорочна енергетска безбедност. Паралелно, по многу години одложување, АД ЕСМ активно работи на својата стратегија за декарбонизација. Ова претставува значајна пресвртница во усогласување на работењето на нашата најголема енергетска компанија со пошироките климатски и енергетски цели на државата. До крајот на 2025 година се очекува потпишување на договорот за изградба на фотонапонските електрани Битола 1 и Осломеј 2, затворање на финансирањето за Битола 2 и 3 со инсталиран капацитет од 60 и 100 мегавати. Во моментот, посветено работиме и на развој на проектите за пловечки фотоволтаици и батериски системи за складирање (BESS), со цел да бидат подготвени за финансирање наредната година. Од лани, откако е именувано новото раководство, АД ЕСМ интензивно се посвети на развој и имплементација на нови проекти, со што очекуваме дека во еден среднорочен период ќе бидат пуштени нови најмалку 237 MW фотонапонски електрани, кои пред сè, ќе бидат подигнати на деградирани површини во РЕК Осломеј и РЕК Битола, а во тек е реализација на втората фаза на ВЕЦ Богданци од 13.6 MW која ќе биде целосно завршена до август 2027 година. Ова што ви го зборувам не е декларативно. Сите овие проекти треба да имаат теренска реализација во наредниве две до три години. Го започнавме проектот ветерен парк Миравци со најмалку 100 MW , со поддршка на ЕБОР и италијанската ЦДП, а исто така работиме на иницирање на ветерници на планинскиот масив Илинска Плакенска Бигла од најмалку 100 MW. Во грејната сезона 27/28 Битола ќе добие парно греење преку проектот Топлификација на Битола, а во разговори сме со Светска Банка за изградба на когенеративна електрана во Битола. Да не заборавиме дека до крајот на годинава почнуваме со реализација на капиталниот проект „Ревитализација на хидроелектраните“-Фаза 3, од кои една главните придобивки ќе биде зголемување на постојниот производен хидропотенцијал за 50 MW. Во делот на хидроелектраните ги развиваме проектите ПАХЕЦ Козјак 2 и 3, а во подготвителни активности за реализација е и проектот ХЕЦ Неготино. Станува збор за мала хидроелектраната на реката Вардар, покрај ТЕЦ Неготино со вкупна инсталирана моќност од 8 MW која ќе произведува околу 30 GWh електрична енергија годишно.
За сето ова да биде возможно, ние имаме поддршка и одлична соработка со Владата, и премиерот Христијан Мицкоски, новото Министерство за енергетика, рударство и енергетски суровини и министерката Сања Божиновска, а во оваа прилика упатувам и јавна благодарност до нашите деловни партнери, Европската Унија, механизмот WBIF, како и меѓународните финансиски институции ЕБОР, германската развојна KфВ банка, Светска Банка, италијанската ЦДП француската АФД кои се наши сојузници на патот кон целосна енергетска трансформација“, наведува Узунчев.
При тоа додава дека Македонија е една од првите земји во регионот што ја операционализираше Платформата за праведна енергетска транзиција во партнерство со меѓународни финансиски институции како ЕБОР, Светска банка, ЕИБ, КфВ и други меѓународни партнери, како и со поддршка од ЕУ. Според Узумчев ова не е само политичка декларација, туку формална инвестициска рамка, поткрепена со јасни управувачки структури и дизајнирана за мобилизација на минимум 3 милијарди евра јавен и приватен капитал. Истовремено, нагласува дека имаме пристап до 85 милиони американски долари од Климатскиот инвестициски фонд за инвестиции во енергетската транзиција, како и дека во компанијата се целосно фокусирани на финализирање на инвестициското проектно портфолио, зајакнување на подготовката на проекти и воспоставување цврсти механизми за следење.
„Тоа не се апстрактни цели – туку конкретни чекори што директно одговараат на многу од прашањата посочени во ревизорскиот извештај. Во исто време, Платформата помага инвестициите во обновлива енергија, модернизација на мрежата и социо-економската поддршка за регионите погодени од јаглен да се спроведуваат на координиран и транспарентен начин“, нагласува Узунчев.
Тој смета дека може да упати едноставна порака – имплементацијата на енергетската транзиција е веќе започната.
„Ги поставуваме темелите за модерен и диверзифициран енергетски сектор, кој ќе биде праведен за сите. Сега е време сите засегнати страни—јавните и приватните претпријатија, локалните заедници и меѓународните партнери да се вклучат конструктивно и да помогнат во реализацијата на оваа транзиција“, порачува Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ во интервју за Енергетика 24.






