вторник, 6 јануари 2026
Поворки ќе има во рекордни 80 градови

Утре сите без најава се поканети на бадниковите поворки низ Скопје

Во организација на Здружението „Бадникови поворки“ утре ќе се одржат Бадниковите поворки, најголемата народно-културна и духовна манифестација во Македонија, посветена на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божиќ.

Објавено на

часот

Сподели

 

Годинава, Бадниковите поворки ќе се реализираат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на светлината, радоста и заедништвото.

Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно ќе учествуваат во организацијата на настанот.

Градоначалниците и општинските тимови утре во претпладневните часови ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини. Потоа, со организиран превоз, децата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје.

Божиќни ѕвездички, подароци и празнична програма

Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје од 11:30 до 12:00 часот, каде што на сите деца кои немаат ѕвездичка бесплатно ќе им биде подарена Божиќна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен спомен од Бадникови поворки 2026.

Точно во 12:00 часот, поворката пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ ќе тргне по улицата „Македонија“ и ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената кај Божиќната пештера.

Како кулминација на манифестацијата, ќе биде изведена „Божиќна авантура“, голема музичко-сценска изведба во живо со учество на над 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“, која преку музика и симболика ќе донесе силни емоции и празнична радост за сите генерации.

Празнични посети

Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки ќе остварат празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, споделувајќи ја радосната вест за Христовото Рождество.

Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026, без потреба од претходно пријавување.

Веќе 16 години, Бадниковите поворки претставуваат симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко.

Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ