недела, 7 декември 2025
Во големата судница близу затворот во Идризово

Утре почнува најголемиот судски процес во земјава, за трагедијата во „Пулс“, во која загинаа 63 лица

Поминаа осум месеци од трагедијата во Кочани на 16 март, во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Во големата судница близу затворот во Идризово, која е единствена со капацитет да собере многу луѓе, утре ќе почне најголемиот судски процес во земјава, за пожарот за време на концертот на ДНК.  Во обвинителниот акт од околу 150 страници обвинети се 34 физички лица и три правни субјекти. Од загинатите во пожарот поголем дел беа млади на возраст од 16 до 24 години.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

На сите обвинети на товар им се става кривичното дело тешки дела против општата сигурност, и тоа за оној дел што се однесува на непостапувањето на службените лица во заштита од несреќа. Им се закануваат казни од 3 до 20 години. Судскиот процес ќе го суди Дијана Груевска Илиевска, која веќе се изјасни дека не сака да биде снимана и фотографирана на утрешниот судски процес.

Сите вклучени во постапката ги очекува долг и тежок судски процес, а над 200-те оштетени што загубија деца и роднини во трагедијата, бараат правда од надлежните.

Обвинети се газдата на „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, неговиот син Михајло и неговиот брат Тодор, како и Митко Стојанов, директор на фирмата ММММ кафе, на чие име била издадена една од лиценците на т.н. дискотека. Меѓу обвинетите се и сопственикот на објектот Гроздан Милковски и Милка Едровска од „Венци проект“, која го подготвила проектот за т.н. дискотека.

На обвинителна клупа ќе седнат и поранешните министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, како и поранешната државна секретарка во Министерството за економија Размена Чекиќ Дуровиќ, заедно со пет службеници што издале лиценци за „Пулс“.

Обвинети се и тројцата поранешни градоначалници на Општина Кочани – Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов – како и тројца инспектори од Општината. Меѓу обвинетите се и поранешните директори на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џеват Селами, како и еден инспектор од институцијата.

Одговорност ќе се бара и од четворица службеници од Државниот пазарен инспекторат, како и од директорот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Јане Јанчевски, и четворица вработени во агенцијата. Пред извесно време беше поднесено и обвинение за вистинскиот сопственик на „Рубикон“, Александар Нацев, кое сè уште не е одобрено.

Во Основното јавно обвинителство се води предистрага и за други лица вработени во Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и други институции, а Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција спроведува истрага за 13 полициски службеници, за кои обвинение треба да биде поднесено следниот месец.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ