четврток, 11 декември 2025

Усвоена нацрт-резолуција на комисија на Советот на Европа за затворање на пост-мониторинг дијалогот со Македонија

Во Париз, на 9 декември 2025 година, се одржа состанок на мониторинг-комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа на која беше усвоена нацрт-резолуција за затворање на постмониторинг дијалогот со Република Македонија, информираат од македонското Собрание.

Објавено на

часот

Сподели

Во заклучокот на нацрт-резолуцијата, која треба да се најде пред пратениците на пленарна седница во јануари 2026 година, се истакнува дека Парламентарното собрание одлучи да го затвори постмониторинг дијалогот со Македонија и да ги следи случувањата во земјата во однос на плуралистичката демократија, владеењето на правото и човековите права во рамките на своите периодични прегледи. Со ова, по цели 25 години, државата успешно го финализира постмониторинг дијалогот со Парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Во нацрт-резолуцијата, која беше усвоена со големо мнозинство на седница на мониторинг-комисијата, а која беше изготвена од известителите Сибел Арслан од Швајцарија од групата на Социјалистите и Џозеф О’Рајли од Ирска од Европските народни партии, се наведува дека Македонија стана членка на Советот на Европа во 1995 година и до 2000 година, беше под целосна мониторинг-постапка, што значи дека Советот внимателно следеше дали земјата ги исполнува своите обврски прземени при приемот во Организацијата. Во 2000 година, Парламентарното собрание усвои резолуција со која се заврши целосната мониторинг постапка и земјата се префрли во т.н пост-моноторинг дијалог. Овој нов механизам се фокусираше на специфични преостанати прашања наведени во резолуцијата, како и на сите нови прашања поврзани со одговорностите на земјата како членка на Советот на Европа. Оттогаш, Парламентарното собрание и неговата мониторинг-комисија редовно го оценуваа напредокот на Македонија во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји“, се вели во соопштението од собраниската прес-служба.

Оттаму појаснуваат дека мониторинг-комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа го следи почитувањето на демократските стандарди на кои земјите-членки се согласиле при пристапувањето, особено прашањата како што се човековите права, владеењето на правото и слободните избори. Комисијата подготвува извештаи за напредокот на секоја земја и препорачува чекори за подобрување. Во ова работно тело членуваат 93 пратеници кои ги назначува Парламентарното собрание врз основа на номинации од шесте политички групи. Во оваа комисија, која има за цел да ги поддржи земјите во исполнувањето на нивните обврски кон Советот на Европа, членуваат шефот на делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, Марија Петрушевска и членот на делегацијата, Бисера Костадиновска Стојчевска. 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ